Dave’s kitchen: „Најдоброто од македонската кујна“ е модерен готвач кој потсетува на традиционалните рецепти

По успехот на неговата прва книга за готвење, „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“, младиот кулинарски шеф Давор Панчевски на 19 април (петок) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, во 19 часот, ќе го промовира новиот готвач „Најдоброто од македонската кујна“. Книгата, која ја објавува издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, содржи 125 едноставни и вкусни традиционални рецепти, на кои ќе се потсетат постарите генерации, а помладите ќе имаат можност да ги научат. Пред промоцијата разговаравме со Давор.

* Како се разви идејата за „Најдоброто од македонската кујна“?
‒ Веднаш по објавувањето на „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“ размислував што е следно. Што е она што недостига на нашиот пазар, што ќе ги оживее традиционалните рецепти, и на крајот дојдов до идејата за да го започнам новиот проект насловен Dave’s Kitchen: „Најдоброто од македонската кујна“. Сите сме свесни дека живееме во едно брзо и динамично темпо и сѐ повеќе ги забораваме јадењата со кои сме израснале. Целта на „Најдоброто од македонската кујна“ е да ги оживее оние рецепти кои се повеќе или помалку заборавени, претставени во модерно издание, дел од нив измодифицирани и приспособени токму на ова брзо темпо на живот. Соработката со издавачката куќа „Арс Ламина“, се одвиваше одлично. Неколку месеци бевме во постојана комуникација, сѐ со цел да создадеме еден траен, добро сработен и квалитетен производ кој ќе ужива голема доверба кај крајниот потрошувач.

* Колку новиот готвач е продолжение и своевидно Ваше созревање како автор и готвач. По што се разликува од првата книга?
‒ „Гответе насмеани“ е моето првенче. Во него може да се пронајдат рецепти буквално за сечиј вкус. Од здрави и модерни појадоци, до традиционални ручеци и интернационални рецепти. Особено задоволство ми беше подготовката на вториот готвач бидејќи се работи за рецепти што потекнуваат од ова поднебје, рецепти со коишто сум израснат. Дефинитивно, можам слободно да кажам дека комплетно ги усовршив македонските традиционални јадења.

* Зошто се одлучивте да објавите книга со традиционални јадења?
‒ Причината е едноставна. Зачувување на нашите традиционални рецепти и нивно приспособување за полесно да ги подготвуваат новите генерации.

* Што сѐ содржи готвачот? Дали станува збор за автентички рецепти или се приспособени и осмислени од Вас?
‒ Дел од рецептите се традиционални и токму онакви како што ги подготвувале моите баби и мајка ми. Секако дека дел од нив имам и модифицирано како што кажав, со цел полесно подготвување од страна на новите домаќинки. Во овој готвач ќе се пронајдат 125 рецепти распределени на 270 страници во четири категории и тоа: појадоци, главни јадења, прилози, зимници и десерти.

* Велите дека Вашата мисија е со овој готвач да ја презентирате традиционалната домашна храна, но на модерен начин. Што подразбирате под „модерен начин“, дали тоа значи приспособување кон новите генерации со изборот на производи, со начинот на подготовка/готвење/зачувување или сервирање? Во кој сегмент е зачувана автентичноста, а во кој сегмент се модернизирани?
‒ Одлично прашање! Автентичноста е задржана во секој од сите 125 рецепти, но начинот на кои се комбинирани состојките и начинот на подготовка, како и крајниот резултат – сервирањето, е она што е променето. На пример: рецептот за манџа со грашок секогаш се подготвувал со месо исечкано на коцки, но во овој готвач мојот рецепт за манџа грашок е со мелено месо. Исто така, тиквичката е една од оние зеленчуци кои ги има во изобилие во Македонија, па со неа споделувам рецепт за чипс од тиквичка, кој одлично одговара со пиво и големо друштво. Ликерот од вишни е исто така променет од традиционалниот рецепт, но останува традиционален, бидејќи го подготвувале уште многу одамна.

* Како ја направивте селекцијата на рецептите?
‒ Рецептите се инспирирани токму од оние рецепти со кои сум израснат. Дел од нив подготовувани од моите баби, а поголем дел подготвувани од мојата мајка. Целата подготовка, вклучувајќи го собирањето, приготвувањето и фотографирањето на рецептите траеше околу седум месеци.

* Колку често готвите/јадете традиционални јадења, и кое Ви е омилено?
‒ Многу често. Сигурно два до три пати неделно подготвувам нешто традиционално. Едноставно нивниот вкус за мене е посебен. Не можам да одвојам само едно омилено јадење, па ќе кажам: ајвар, полнети пиперки, бакардан, кифлички и сите парени десерти со кои нашата кујна располага.

* Во процесот на подготовка на готвачот дали дојдовте до заклучок кои се спецификите на македонската традиционална кујна, без кои продукти не може да се замисли еден класичен рецепт?
‒ Дефинитивно заклучив дека македонската кујна е богата со зеленчуци и овошја. Ме фасцинира што со многу едноставни и ефтини состојки, како и со нивна правилна комбинација се креира извонреден вкус.

* Како се разви интересот за готвењето и како дојдовте на идеја да објавите книги со рецепти?
‒ Инспириран од она што се готви дома, она што ќе го видам на нашите зелени пазари, започнав со споделување на рецептите што ги готвам јавно на моите социјални мрежи. Подоцна започнав тоа да го правам и на нашите национални телевизии, а денес, на барање на моите следбеници, со цел зачувување на моите рецепти, и во моите две книги „Гответе насмеани“ и „Најдоброто од македонската кујна“.

* Покрај книгите, многу сте активен на социјалните мрежи таму Dave’s kitchen веќе е бренд. Вашите профили на социјалните мрежи заедно имаат повеќе од 80 илјади следбеници, а имате и своја веб-страница и „јутјуб“ канал. Колку тие содржини се дополнување на книгите и каква е комуникацијата со читателите?
‒ Неизмерна е поддршката што ја добивам од моите следбеници. Едноставно секој ден ми го разубавуваат со прекрасните пораки кои ги добивам. Дали тоа ќе бидат само пофалби за мојата работа, споделување на рецепт што го направиле, а го пронашле на моите профили, или, пак, давање предлог што следно сакаат да споделам со нив, едноставно прекрасно е чувството да ги читам нивните пораки. Само мал дел од рецептите споделени на социјалните мрежи се пронајдени во моите две книги.

* Од 8 до 16 часот имате друг професионален ангажам, поврзан со дигитален маркетинг. Може ли да ни кажете повеќе за себе. Каква Ви е професионалната и образовна позадина?
‒ Најпрвин морам да наспомнам дека готвењето е мое хоби, а не професија. Средно училиште завршив во „Васил Антевски Дрен“ на правна насока, а потоа за факултет се одлучив да студирам маркетинг на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Готвењето е нешто што постојано се развиваше и најверојатно потајно сум го посакувал цело време, за кога дојдов на средина од моите студии по маркетинг, да започнам да ги споделувам моите рецепти јавно.


* Имате ли свој идол или ментор меѓу славните кулинарски шефови?
‒ Морам да признам дека една од главните причини поради кои започнав да споделувам рецепти и да ги подготвувам со голема љубов е мојот кулинарски идол – Анабел Лангбејн (Annabel Langbein). Откако започнав да ја следам на социјалните мрежи, едноставно се убедив и самиот себеси дека готвењето е она што постојано ќе го правам во мојот живот. Последниве пет години имам подготвено повеќе од 3000 рецепти и сѐ уште имам идеи што вкусно да подготвам следно. Едноставно кога нешто правите со љубов, неминовно е крајниот резултат да биде само успех!

* Кои Ви се поважните соработки и проекти поврзани со Dave’s kitchen?
‒ Во последните неколку години, често гостувам на нашите национални телевизии и бев поканет на регионални, па и интернационални конференции за храна како гостин спикер. Често гостувам на утринската емисија во „ТВ Сител“ и во другите телевизии, кога имам можност. Исто така, во моментов соработувам со неколку компании од кои би ги издвоил соработките со „Сика“ зачини, „Горење“ апаратите за домаќинство и други.

* Колку често готвите за пријателите или за јавни настани? Кој Ви е најголем критичар и прва личност што ги пробува Вашите рецепти?
‒ Многу често! Обично рецептите што ги споделувам ги подготвувам во еден ден и за одреден период готвам повеќе рецепти. На крајот од денот завршувам со десетина, па дури и 15 рецепти, сите подготвени и фотографирани. Пријателите или, пак, роднините се првите кои се дегустатори и критичари на мојата работа.

* Неостварена желба, кому би сакале да му зготвите некој од своите специјалитети?
‒ Хмм… претпоставувам дека веќе погодивте – Анабел Лангбејн (Annabel Langbein).

 Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

Фото: Маја Аргакијева

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.