Вчера, на десетти април, во 19 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје беше врачена престижната книжевна награда „Роман на годината“ за 2018 година што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“.
Добитник е романот „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, во издание на „Темплум“. Вака одлучи жири-комисијата за доделување на наградата во состав: Фросина Пармаковска (претседател), Богомил Ѓузел, Александар Прокопиев, Елизабета Баковска и Катерина Богоева. Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 20-ти пат.
На крајот на настанот, беше објавен и првиот конкурс за новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, распишан од нашата издавачка куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
За наградата можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата. Ракописите треба да се испратат во електронска форма (во „ворд“ или во ПДФ-формат), на е-адресата: pegaz@arslamina.com. Романите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот. Конкурсот ќе биде отворен до 15 мај 2019 година.
Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна во септември 2019 година.