По успехот на неговата прва книга за готвење, „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“, младиот кулинарски шеф Давор Панчевски наскоро ќе објави нов готвач. Книгата, што ја подготвува со издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, ќе содржи 125 едноставни и вкусни традиционални рецепти, на кои ќе се потсетат постарите генерации, а помладите ќе имаат можност да ги научат.
– „Најдоброто од македонската кујна“ е проект на којшто работев со огромно задоволство. Почнувајќи од изборот на рецепти, па сè до готвењето и фотографирањето, секој чекор беше интересен предизвик. Овој готвач го создадов со цел да ги зачувам најдобрите рецепти од Македонија, некои од нив стари и повеќе од сто години, но и оние што се актуелни во последните децении. Мојата намера со овој готвач е да ја презентирам традиционалната домашна храна, но на модерен начин – вели Давор, кој е препознатлив по својот проект Dave’s Кitchen.
Ви откриваме дел од амбиентот за време на фотографирањето на корицата на новата книга на Dave’s Кitchen и „Арс Ламина“.