За него театарот е храм на моралот. Не е место каде што догматски се учат лекции по етика (тоа е лош театар), туку место во кое се кршат сите табуа, а традиционалните морални вредности се преиспитуваат (и можеби се создаваат нови). Нашиот истакнат филмски и театарски режисер Срѓан Јаниќијевиќ на своето гостување во видеопроектот на „Литература.мк“ – „Астрорум“, истакнува дека се залага за театар што воспитува, а не што поучува.
Срѓан Јаниќијевиќ дипломирал на Факултетот за драмски уметности, а денес успешно работи во театар, на телевизија и на филм. Покрај тоа, тој е и музички автор и диџеј.
За него како драмски автор, во предговорот на книгата „Купидона и други драми“, Јелена Лужина напиша: „Срѓан Јаниќијевиќ се вбројува во она скапоцено малцинство македонски драматичари кои сите три вештини ги владеат беспрекорно. Таквите обично ги нарекувам ’драматичари со тешка рака‘. Само таквите умеат а) да мислат бргу, б) во лет да смислуваат акции (дејства) што ќе бидат очудени, изводливи и функционални дури и тогаш кога ќе мораат да се редуцираат само на неколкуте најбитни мигови, в) прецизно да ги профилираат ликовите кои ќе бидат лесно препознатливи, впечатливи и дејствено ефикасни, г) на тие ликови да им „обезбедат“ директни и јасни реплики, артикулирани во кратки и брзи реченици и д) сето ова да го „потурат“ со важни и точно дозирани количества хумор, иронија, тага, радост, критичност, цинизам, откаченост, мудрост, лудост…“
Во продолжение можете да го погледнете интервјуто снимено во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.