Белгискиот автор Барт Мујарт е годинашен добитник на книжевната награда „Астрид Линдгрен“, што се доделува време на Саемот за литература за деца во Болоња, што деновиве се одржува во Италија. Признанието „Астрид Линдгрен“ се нарекува уште и „Нобелова награда за литература за млади“. Мујарт, кој претходно бил номиниран 16 пати за престижната награда во Болоња, првпат е лауреат. Наградата ја добива за своето досегашно творештво.
Во конкуренција за годишнашната награда биле писатели од повеќе од 60 различни земји, а за победникот одлучило интернационално жири со книжевни експерти. Покрај големиот престиж и чест, што го носи признанието, добива и паричната награда од 480.000 евра.
Меморијалната награда Астрид Линдгрен (АЛМА) е најголемата награда во светот за детска и младинска литература. АЛМА е основана во 2002 година во спомен на шведската писателка Астрид Линдгрен („Пипи долгиот чорап“), која почина во истата година. Претходни победници се Кити Кроутер, Шон Тан, Волф Ерлбрух и Филип Пулман.
Барт Мујарт е роден во 1964 г. во Белгија како седми и најмлад син во семејството. Според традицијата во Белгија на секој седми син по ред автоматски кралот му е кум. Така, Барт добил подарок, златна шолја и златно лажиче со изгравирана кралска круна и буквата Б.
Својата прва книга ја објавил во 1983 година, кога имал само 19 години. Познат е по своите книги за деца и збирки поезија. Критичарите ги нарекуваат неговите дела поетски, кинематографски, сензуални. Пишува и драми, сценарија и песни, а често и самиот се појавува на сцена, како наратор на својата трилогија за животот. Неговите дела се преведени на повеќе од 20 јазици.
Добитник е речиси на сите важни литературни награди во Белгија. Четири пати е номиниран за наградата „Ханс Кристијан Андерсен“, а добитник е на „Златниот лав“ за книжевност за пет од своите книги. Од 2003 г. предава креативно пишување на конзерваториумот во Антверп.
Извор: emeel.be