Беше топло и убаво лето. Во едно гнездо, близу стара пропадната куќа, една патка лежеше над шест јајца, чекајќи да се испилат. Везден, по стопати ги проверуваше, сѐ додека еден ден, на едно од јајцата не забележа пукнатина. Набргу потоа од пет јајца се видеа жолти глави. Од сите пет јајца излегоа пет убави пајчиња, но само едно јајце не беше пукнато. Во тоа јајце беше грдото пајче…
Со овој вовед, веројатно, повеќето се присетија на една од најубавите бајки „Грдото пајче“. Тоа е една од приказните со кои пораснале многу генерации, а која е потпишана од данскиот писател Ханс Кристијан Андерсен (1805 ‒ 1875).
„Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малата сирена“, „Снежната кралица“, „Принцезата на зрно грашок“, „Девојчето со кибритчињата“ и „Палешка“ се само дел од неговите најпознати бајки, со универзални пораки, кои се раскажуваат и паметат со генерации. Неговите приказни се читливи, разбирливи и лесно ги пленат децата, но и возрасните.
Ханс Кристијан Андерсен е роден на денешен ден, втори април во 1805 година во Оденсе, Данска. Овој ден, во негова чест се одбележува и Светскиот ден на литературата за деца International Children’s Book Day.

Ханс Кристијан Андерсен (1805 ‒ 1875)
Ханс Кристијан Андерсен потекнувал од сиромашно семејство кое не можело да му овозможи редовно школување. Мајка му, која била перачка, исто така, потекнувала од сиромашно семејство. Таткото, пак, го користел секој слободен миг да му чита комедии, разни приказни и необични бајки. По смртта на татко му, кога Ханс имал 11 години, поради сиромашните семејни приходи, му се одложило содвтеното образование. Но, Ханс се обидувал самиот да состави мали приказни, комедии, рецитации и песни. Потоа им ги претставувал на другите деца во својот малечок куклен театар.
На 14 години, кога заштедил доволно пари решил да тргне во освојување на светот. Прва станица му бил Копенхаген, каде што Кралскиот театар бил центар на културниот и уметничкиот живот. Иако наидувал на тешкотии, сам и без скршена пара во џебот, без пријатели, сепак го продолжил патот. Не ја загубил волјата за подобар живот. Вакви и слични зборови многу често се повторувале во неговата животна приказна. Ниту во еден момент не ја загубил храброста и вербата во себе. Со својот посебен шарм ги придобил симпатиите на многу од богатите семејства, пред сè на италијанскиот тенор Сибони, благодарение на чија помош го завршил школувањето на 24 години, како и на семејството Колин, кои биле негови долгогодишни поддржувачи и покровители на неговата работа.

Издание на бајките на Андерсен од 1911 година со илсутрации од Едмунд Дулак
Своето прво дело го објавил 1829 година. Тоа не поминало добро кај пошироката јавност, но му овозможило многу познанства и пат до Велика Британија, каде што му бил гостин на Чарлс Дикенс. Потоа почнал да пишува драми, патописи, автобиографии и поезија. Неговиот следен роман „Импровизатор“ е одлично прифатен. Ханс пишувал многу, но станал познат дури откако го напишал романот „Импровизатор”, за којшто бил инспириран од Италија. По објавувањето на овој роман, тој се вивнува во светот на уметноста.
Првата книга со бајки ја објавил 1835 година. Искуствата што ги имал од сиромашниот живот и мноштвото предели што ги гледал обиколувајќи ја Европа, оживеале на чудесниот начин на Ханс Кристијан Андерсен. Неговите приказни биле толку човечки, толку искрени, што го пропатувале сиот свет, влегувајќи во сите домови. Во своите дела раскажувал за личности од неговиот живот, така на пример, „Палешка“ и „Принцезата на зрно грашок“ се вистинити ликови. Честопати во неговите дела главни ликови се животните и преку нивните постапки ги исмејува особините на луѓето. Помеѓу 1835 и 1872 година, Х.К. Андерсен објавил вкупно 156 сказни, како и голем број раскази.
Својот трнлив пат низ животот и творештвото најдобро го оцртал со помош на сказната „Грдото пајче“, во 1843 година. Во оваа приказна симпатично запишува:
„Не е лошо да се родиш покрај бара заедно со патките, ако си се извел од јајце на лебед.“
И навистина, таа лебедова песна на неговото творештво одекна низ целиот свет. Таа сказна е сказна-биографија и сказна-манифест, дури и упатство за секој млад човек, без непотребно морализирање, дека секогаш патот на успехот е полн со непредвидливости, искушенија и неизвесност, но само работата е таа што ги решава сите дилеми на една животната и творечката егзистенција. Починал на 4 август 1875 година.

Андерсоновите приказни објавени во 1932 година, со илустрации од Артур Рекам
Во негова чест е воведена наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ – највисокото меѓународно признание што се доделува од страна на Меѓународниот одбор за книги за млади (International Board on Books for Young People – IBBY) на автори и илустратори на детски книги, за нивниот континуиран придонес кон детската книжевност.„Андерсеновата награда“, што се нарекува уште и Нобелова награда за детска книжевност, е воспоставена во 1956 година – за автори на детски книги, а во 1966 година е воведена и наградата за илустратори. Дел од најубавите детски книги на сите времиња, напишани од добитници на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“, можат да се најдат на македонски јазик во книжарниците на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“ и на Широк Сокак во Битола, а достапни се и за нарачка на http://www.literatura.mk.

Дел од најубавите детски книги на сите времиња, напишани од добитници на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“, можат да се најдат на македонски јазик во книжарниците на „Литература.мк“

Бронзен споменик на Ханс Кристијан Андерсен и „Грдото пајче“ во Централ парк во Њујорк

„Македонски пошти“ по повод 200 години од раѓањето на Ханс Кристијан Андерсен во 2005 година лансира марка со неговиот лик
Извор:Wikipedia.org