Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го претстави повторнообјавеното капитално дело „Село зад седумте јасени/Стебла“ од Славко Јаневски. На промоцијата, што се одржа на 28.3.2019 во „Клуб и ресторан МКЦ“, беше претставен и првиот број на списанието за култура и општествени прашања „Архив ЈАНЕВСКИ“, насловено како „Јавач на комета“.
Идејата на Фондацијата е да направи напор да го смести делото на Јаневски онаму каде што природно припаѓа, во XXI век.
„Село зад седумте јасени“ е официјално првиот македонски роман, објавен во 1952 година и оттогаш, поради разни причини, не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Славко Јаневски во еден момент се откажува од авторството на романот и во 1965 година го објавува романот „Стебла“, како втора верзија од „Село зад седумте јасени“. Во ова издание на Фондацијата „Славко Јаневски“ се поместени двата романа, така што тоа претставува уникатна можност да се споредат двата романа и да се протолкуваат мотивите на контроверзната одлука на Јаневски, но секако е и единствена можност македонската јавност уште еднаш да го препрочита темелот на современата македонска литература.
„Јавач на комета“ е наслов на првиот број на списанието „Архив ЈАНЕВСКИ“, кое е планирано да излегува еднаш годишно. „Архив ЈАНЕВСКИ“ е списание кое главно ќе се занимава со артефактите од животот и творештвото на Јаневски, но и со останатите аспекти на живата култура и општествените прашања. Првиот број на „Архив ЈАНЕВСКИ“ во целост е посветен на ликовното творештво на Славко Јаневски и содржи стотина помалку познати репродукции од масла на платно на овој наш сестран уметник.
Книгата „Село зад седумте јасени/Стебла“ од Славко Јаневски, како и првиот број на списанието „Архив ЈАНЕВСКИ“, можат да се најдат во книжарницата „Литература.мк“.