Атанас Георгиев: „Медена земја“ е повеќе од обичен документарец

Со триумф во три категории, македонскиот филм „Медена земја“, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, победи во конкуренцијата за документарци од целиот свет на престижниот американски филмски фестивал за независни филмови „Санденс“. Филмот ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарец, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградата за најдобра кинематографија. „Медена земја“ го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change). Еден од главните „виновници“, за ова кинематографско ремек-дело, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, во своето гостување во „Астрорум“ ја откри приказната зад „Медена земја“.

Атанас Георгиев е роден во 1977 година во Скопје. Дипломирал во 2000 година на Академијата за драмски уметности во Скопје, на одделот по филмска и ТВ монтажа. Во својата кариера изработил бројни играни и документарни филмови, кратки форми и музички спотови. Сопственик е на продукција „Трис филмс“ (Trice Films), со седиште во Скопје и во Прага, градовите каде што главно живее и работи. По монтажата на повеќе од десетина филмови, тој влегува и во светот на режијата и продукцијата, а најголемите успеси во последно време ги постигнува во сферата на документаристиката. На светот веќе му се добропознати неговите филмови „Плати и ожени“ (Cash & Marry 2009) и „Со љубов“ (Avec l’amour 2017), но несомнено, последниот филм „Медена земја“, каде што се потпишува и како монтажер и како продуцент, ги надминуваат сите претходни успеси. Филмот веќе во својата развојна фаза доби важно признание – награда во износ од 30.000 евра во програмата „Work in progress“ на Сараевскиот филмски фестивал. Но, она што се случи во февруари годинава, на најпрестижниот фестивал на независен филм „Санденс“ во САД, го става Атанас Георгиев, заедно со креативниот тим составен од режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут, во врвот на денешната филмска индустрија.

„Медена земја“ ја раскажува приказната на Атиџе ‒ последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која до неодамна живееше сама со мајка ѝ во напуштеното cело Бекирлија, во jугозападнo Овче Поле. Главната идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Филмот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка SDC, координиран од „Фармахем“, а постпродукциски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Продукцијата е на „Аполо медија“ и „Трис филмс“. Музиката е на „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од Бејрут.

По премиерата на „Санденс“ и затворените проекции во Скопје (кои се одржаа на 12 и 13 март), документарецот го очекуваат азиска и официјална европска премиера. На 28 март македонскиот филм ќе биде прикажан на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг. На 3 април филмот ќе се прикажува во престижниот Музеј на модерна уметност (MoMA) во Њујорк. На 8 април ќе ја доживее својата официјална европска премиера на Филмскиот фестивал „Визионс ду Реел“ (Visions Du Reel) во Нион, Швајцарија. Следниот ден (9 април) е закажана проекција на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ (Мagnificent 7) во Белград. На 13 април следува гостување во Лондон, во рамки на „Фрејмс оф репрезентејшн“ (Frames of Representation) во Институтот за современи уметности на Велика Британија. За пошироката македонска јавност ќе биде прикажан на претстојниот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, што се одржува во август.

Поддршка за промотивните настани на „Медена земја“ во Македонија даде издавачката куќа „Арс Ламина“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.