Добитничка на главната награда „Златен венец“ за 2019 г. на „Струшките вечери на поезијата“ е романската поетеса Ана Бландијана. Наградата на годинашната лауреатка ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации нa годинашното издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 21 до 28 август.
Ана Бландијана, , чие вистинско име е Отилија Валерија Коман, е родена во Темишвар, Романија, во 1942 година. Нејзиното значење во литературната сцена на Романија е на ниво на Ана Ахматова во Русија или Вацлав Хавел во Чешка. Таа е високопризнаена фигура во романската книжевност и има напишано 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и претставено во 80 книги поезија и проза.
Ана припаѓа на генерацијата романски нео-модернисти, беше истакнат противник на режимот на Чаушеску, и со низа стихозбирки од 1966 до 1981 година, се етаблираше како еден од најистакнатите поети на нејзината генерација. Како признание за нејзиниот придонес кон европската култура и нејзината храбра борба за човековите права, во 2009 година на Бландијана ѝ беше доделено највисокото одликување од Француската Република, „Легија на честа“, додека Државниот Секретаријат на САД ја одликуваше со наградата „Храбри Романки“ во 2014 година. Романскиот крал Михаил ѝ го додели кралскиот орден „Нихил сине Део“ (2014).
Во 1990 година Бландијана го возобнови романскиот ПЕН клуб (основан во 1924 година и распуштен за време на комунистичкиот период) и стана негова претседателка (1990 ‒ 2004).
Според лауреатката, „Златен венец“ на СВП е поважен од која било друга награда и веста за признанието кај неа предизвикало горечка возбуда, бидејќи нејзиното креативно созревање е обележено токму од овој фестивал во земјата на која, како што вели, чекорел Орфеј.
„Треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во охридската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец“, порачува годинашната добитничка на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во своето поздравно обраќање.