Во свечената сала на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Скопје, вчера (20 март 2019 г.) беше промовирана книгата „Реторика – Историски и современи аспекти“ од група автори, професори: Мирјана Поленак-Аќимовска, Владо Бучковски, Гоце Наумовски, Димитар Апасиев и Јован Андоновски. Книгата е во издание на „Арс Ламина ‒ публикации“.
Промоторот на книгата, проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во своето излагање рече:
– Книгата „Реторика“ од историски и современи аспекти е посветена на студентите, учесници на Ораторската вечер „Иво Пухан“, но таа не е наменета само на студентите, туку и на пошироката читателска публика. Книгата е наменета за сите што се интересираат како настанува еден добар говор, кој ќе плени во сегашноста и во иднината. Целта на ова четиво е промовирање на Сократовата мисла, моќта на зборовите да не биде злоупотребена, бидејќи зборот, иако невидлив има божествена моќ и може да направи чуда, да го предизвика разумот, да донесе среќа, но и несреќа. Ете затоа, моќта на реториката и на изговорениот збор е непроценлива, голема е одговорноста на говорникот зашто изговорениот збор ја обликува сегашноста, но и иднината на општеството – рече деканот Коевски.
„Реторика – Историски и современи аспекти“ смета дека вистината се наоѓа во средбата помеѓу двата збора – на оној што говори и на оној што слуша, а сака да говори. Им служи и на трети лица, бидејќи подразбира дека, во секој случај, треба да се води сметка за верувањата и вредностите на сите кои се противници на изречената реч. Оваа книга може да се чита на различни начини и да се восприема различно.
– Преку ова дело можат да се добијат основните знаења за реториката како вештина и дисциплина, да се дознаат историските и современите аспекти на реториката, но и да се пронајдат практични совети како да се одржи еден добар говор, како да се учествува во дебата, како да се сфати намерата на противникот во спорот и, на крај, како да се победи – вели проф. д-р Јован Андоновски, еден од коавторите на книгата.
Изданието содржи познати судски говори од: Сократ, Цицерон, Томас Мор, Вероника Франко, Жан-Пол Мара, Сузан Ентони и Вељко Губерина.
Професорката д-р Мирјана Поленак-Аќимовска во своето обраќање рече:
– Уште Квинтилинијан, познатиот римски професор по реторика укажал на тесната врска помеѓу теоријата и практиката на реториката. Следејќи го овој императив беше создадена книгата „Реторика – Историски и современи аспекти“, збогатена со познати судски говори. Како вештина на говорењето реториката се сфаќа како систем на правила и техники, со чија примена се овозможува оптимално дејство во убедувањето на аудиториумот, додека, пак, како теоретска дисциплина таа се занимава со појавно историските облици, со структурата, системот, можноста на примена, пред сѐ со историјата на реториката и нејзиното дејство врз историјата на човештвото. Тргнуваме од сѐ уште актуелниот став на безвремениот Аристотел, дека беседата за да допре до слушателите треба да биде симбиоза помеѓу логос, етос и патос – помеѓу разумот, личноста на говорникот и неговите чувства и емоции. Но, во зависност од тоа дали е во прашање судската (форензична) реторика, политичката (делиберативна) реторика или пригодната (епидеиктичка) реторика ќе преовладува некој од елементите на споменатото Аристотелово свето тројство – рече таа, и во име на авторите се заблагодари на издавачот – „Арс Ламина ‒ публикации“.