Со топлата, едукативна и емотивна илустрираната книга „Девојчето на ридот“ го одбележуваме светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21 март. Изданието „Девојчето на ридот“ од авторката Ида Мантон е збогатена со илустрации од Емилија Мишева која твори под името Ем Елефантски. Книгата е за мало девојче Луна (месечина), со Даунов синдром, чиј свет е меѓу ѕвездите каде што ги гледа неверојатните слики направени од магичните бои што ги гледаме кога заоѓа сонцето. Тоа ја инспирира да започне со часови по балет, а книгата објаснува како била прифатена од децата во нејзиното соседство.
Создавајќи ја сцената и балерините, најпрво во сопствената фантазија, таа подоцна успева таа фантазија да ја преслика во реалноста. Девојчето со Даунов синдром станува дел од светот на возрасните, носи магија на сцената, но и во животите на тие што ја гледаат нејзината изведба. Луна верува дека соништата се исполнуваат, само ако силно се верува во нив и во тоа успева да ги убеди и другите.
Сликовницата порачува дека и лицата со Даунов синдром можат да ги остварат своите соништа, дека нивниот развој во голема мера зависи од тоа што од нив се очекува, дека тие можат и мораат да учат, да работат, да одлучуваат за себе и дека се активен и конструктивен дел од заедницата во која живеат. За да се остварат себеси, сите ние мораме да им дадеме можност да ги развијат своите вештини во она што го сакаат, да бидат вклучени во сите активности на своите врсници и да веруваме во нивните соништа.
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ , „Скопје сити мол“, и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.