Познатиот македонски ликовен уметник, графички дизајнер и универзитетски професор, Ладислав Цветковски е новиот гостин во ТВ-проектот на „Литература.мк“, „Астрорум“. Цветковски е професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во текот на целото работно искуство интензивно ги истражува технолошките и изразните можности на електронските медиуми, а во последно време е фокусиран на дигиталната технологија која ја користи како свое основно изразно средство во ликовната уметност.
Неодамна се претстави со изложбата насловена „Црнила“, на којашто во Мултимедијалниот центар Мала станица се претстави со 70 авторски, општествено ангажирани плакати. Имено, Ладислав Цветковски на 20 февруари 2015, мотивиран од енергијата на студентските протести и инспириран од случувањата во Македонија, на своите блог и фејсбук-профил го сподели плакатот ’Црнила‘ и тоа беше почетокот на неговиот проект ’Мои коментари‘. Како што ќе напише историчарот и теоретичар на уметноста Небојша Вилиќ, „тоа беше времето на исклучително загадениот и контролиран медиумски простор и единственото место каде што Цветковски можеше да ја реализира силната потреба да даде личен коментар за бруталната вистина беа токму социјалните мрежи.
Циклусот „Црнила“ го заврши на 31 октомври 2017 и создаде вкупно 177 авторски дигитални плакати, од кои три се анимирани. Во 2016 година дел од овие плакати првпат во печатена форма ги претстави на самостојната изложба во Марибор, Словенија. Две години подоцна во 2018 година тоа беше возможно да го направи и во Скопје. Иако плакатите коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет и состојби, Цветковски вели дека со нив упатува универзални пораки и потсетува на одредени изгубени вредности“.