Снежана Анастасова-Чадиковска: Преку приказните од пијаното до приказните за дружината на борот

Снежана Анастасова-Чадиковска е истакната пијанистка, професорка по пијано и музичка публицистка. Својот прв настап на концертниот подиум го бележи во 1972 година и оттогаш е постојано присутна на македонската музичка сцена. До 1984 година е претежно солист, а потоа и пијано-придружник на голем број македонски и странски музички уметници. Има настапувано во многу музички центри во Македонија и во светот, а има реализирано и повеќе снимки за продукцијата на МРТВ. За време на својот работен стаж, таа е професор во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје како професор по пијано, а нејзината класа на успешни пијанисти е една од најбројните.

Како музички публицист била рецензент на „Екран“, „Нова Македонија“, „Пулс“ и „Утрински весник“. Автор е на сценарија за повеќе дидактички музички серии и портрети, како „Приказни од пијаното“, „Моцарт-медалјони“ и др. Соработник е на енциклопедиските изданија на МАНУ, МИ-АН и ФДУ, коавтор и автор на публикациите „Светот на еден глас“ (монографија за Милка Ефтимова), „Зад звукот“ (монографија за Фимчо Муратовски), „Жоро“ (монографија за Георги Божиков), „30 години на МММ“, „50 години МБУЦ“ и други, а била раководител на тимот за изработка на монографијата „50 години Охридско лето“. Исто така, неколкупати била и селектор на музичкиот дел на програмата на фестивалот Охридско лето.

Неодамна, за „Арс Ламина – публикации“, таа ја издаде својата прва книга раскази за деца „Дружината на борот и други приказни“.