Промовирана сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ од Бистра Георгиева

Новата илустрирана книга за деца „Џиновска продавница за фантазии“ од авторката Бистра Георгиева беше промовирана вчеравечер (6 март 2019 г.), во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации од шпанската илустраторка Моника Каретеро.

 


Уредничката на сликовницата, Билјана С. Црвенковска, на промоцијата истакна:
– Не сите го разбираат светот на детската фантазија, а според мене тоа е најголемиот предуслов да се биде добар автор за деца. Зборуваме вистински добар, што децата ќе го сакаат. А, тие сакаат работи што соодветствуваат на нивниот свет на фантазијата, кој е неограничен, за разлика од оној на возрасните. Кај децата ги нема пречките од типот логика, броеви, закони, правила, горе и долу, лево и десно, црно и бело. Кај децата често црното може да биде и бело, она што е лево речиси секогаш е десно, а горе е многу позабавно од долу. А, пак, за логиката, морам да речам, и нема баш место во детскиот свет. Не, во нивниот свет има место за чуда, волшепства, авантури, бои, звуци, вкусови… има место за безброј светови и незамисливи суштества. Добрите писатели за деца го разбираат светот на најмладите, како и оние што еден ден ќе прераснат во добри, а потоа и во одлични писатели за деца. Еден писател, односно писателка, која веќе сигурно гази по тој пат е Бистра Георгиева, а нејзината книга „Џиновска продавница за фантазии” раскажува приказна токму за неизмерниот, бесконечен свет на детската фантазија – рече Црвенковска.

 


Авторката Бистра Георгиева, во своето излагање, како и во книгата, ѝ се заблагодари на својата мајка, познатата писателка Јагода Михајловска-Георгиева, „за сите раскажани и измислени приказни пред спиење во детството“.
– Да не беа приказните на мојата мајка, речиси секоја ноќ пред спиење, ништо од ова немаше да постои. Дури сега сфаќам какво влијание имало тоа кај мене, колку раскажувајќи, ми ја поттикнувала љубопитноста и фантазијата. И никогаш не ѝ било тешко да измислува нови приказни. Ете, затоа сум ѝ бескрајно благодарна. Благодарна сум на издавачката куќа „Арс Ламина“ за поддршката и за успешната реализација на нашата замисла, книгата да биде навистина џиновска. Отсекогаш сум сакала џиновски формат на сликовница. Благодарна сум и на упорноста и поттикот од уредничката Билјана Црвенковска. Кога почнав да ја пишувам книгата во мислите ми беа неколку работи од кои децата се плашат, па се обидов да ги прикажам на поинаков начин. На пример темница, таа не е страшна ако замислиме дека тоа може да е јорганот на Џинот кому му е студено пред спиење. И така, понатаму си ја проширив идејата и на други поими како ѕвездите кои се обетки на небото и сфатив дека секое дете и секој родител може да има безброј различни фантазии, само ако малку си дозволат да си ја отворат мислата – рече Георгиева пред преполната книжарница „Литература.мк“ во која најбројни беа децата и нивните родители.


Бистра Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, по тоа работи на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“ . Три години беше уредник во „Фчерашни новости“. Моментално работи како раководител на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија.
„Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со Моника Каретеро – моментално една од најдобрите илустраторки во светот. Каретеро има издадено повеќе од 70 книги во Шпанија, Англија, Австралија и САД и е добитничка на повеќе престижни награди, меѓу кои и за најдобра книга на лондонскиот и на шпанскиот саем на книги.









Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.