Дани Димитровска e една од ретките македонски музички изведувачи што низ годините се изгради во уникатен женски поп-рок вокал, останувајќи доследна на својата сценска енергичност и стилски компактен репертоар. Со појавувањето на националниот избор „Песна за Евровизија“ во 2000 година, таа беше прифатена веднаш и од публиката, но и од новинарите. Во 2004 година, песната „Срца две” стана вистински хит, задржувајќи се на првото место на сите топ-листи во земјава, а повеќе од еден месец се задржа на четвртата позиција и на популарниот канал „Ем-ти-ви адриа“. Во 2007 година со песната „Црвени дождови“, успеа да влезе на листата „Топ 20“ и како прв македонски музичар да се закити со победа и со тоа да обезбеди номинација за престижните „Ем-ти-ви музички награди“ (MTV Music Awards) во Минхен, Германија, во категоријата „Нов звук на Европа“.
Препознатлива, како во земјата, така и пошироко, докажува дека во музиката нема граници. Преку големиот број следбеници на социјалните мрежи, кои секојдневно ја потврдуваат нејзината популарност и неспорен музички квалитет, таа го одржува континуитетот на својот слободен израз, цврст став и единствен пристап кон музичките вредности.
Исто така, Дани веќе 11 години е амбасадор на Обединетите нации, и како добро познат филантроп, позната по својата хуманитарна работа во Африка, дури шест пати е наградувана како најдобар активист за еднаквост, инспиративен лидер и поддржувач на загрозените во светот.
Во 2013 година ја доби и наградата за „Придонес и уметнички достигнувања“, која ѝ ја додели лично кралицата на Јордан, нејзиното височество Нор Ал Хусеини.
На домашната музичка сцена Дани се здоби и со други почести, како на пример четирите „Златни бубамари на популарноста“, а својот музички опус го документира на трите студиски албуми, кои се продадени во повеќеилјадни тиражи. Публиката памети хитови од сите нив, како споменатите „Срца две“ и „Црвени дождови“,„А што до тогаш“, „Никој како ти“, „Време“ и други. Последниот албум „Град за љубов“, Дани го посвети на својот град – Скопје, а пее за обединување, слобода и љубов меѓу луѓето. Последниот предизвик за неа е претстојниот концерт со Македонската филхармонија, насловен „Рок-симфонија“, кој ќе се одржи на 7 март (четврток), во 20.30 часот. Со овој настан ќе прослави 20 години на македонската музичка сцена. По тој повод таа гостуваше во новото издание на „Астрорум“.