Интервју со Бистра Георгиева: „Џиновска продавница за фантазии“ ќе ја поттикне имагинацијата на децата и на возрасните

 

 

Си бил еден џин кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. На страниците што следуваат се сместени полиците со фантазии што ги продава Џинот. На празните рафтови, пак, можеш да си создадеш своја сопствена продавница за фантазии…

Со овие зборови почнува несекојдневното патување преку страниците на најголемата сликовница што некогаш сте ја виделе – „Џиновска продавница за фантазии“ од младата авторка Бистра Георгиева, а со илустрации од шпанската илустраторка Моника Каретеро.

Книгата во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ ќе биде промовирана на 6 март (среда), во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, по тоа работеше на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Три години беше уредник во „Фчерашни новости“. Моментално работи како раководител на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија.

Пред промоцијата разговаравме со Георгиева, за која ова е втора книга за деца, по сликовницата Ото, Ото и Ото, исто така работена во соработка со Каретеро.

*Со благодарност до твојата мајка, за сите раскажани и измислени приказни пред спиење во детството, испишана на првите страници, ја почнуваш „Џиновска продавница за фантазии“ . Колку, наталожените приказни од твојата мајка, познатата писателка Јагода Михајловска – Георгиева, ја разбудија фантазијата и потребата да ја напишеш новата книга?

– Многу. Да не беа нејзините приказни, речиси секоја ноќ пред спиење, ништо од ова немаше да постои. Дури сега сфаќам какво влијание имало тоа кај мене, колку раскажувајќи, ми ја поттикнувала љубопитноста и фантазијата. И никогаш не ѝ било тешко да измислува нови приказни. Ете, затоа сум ѝ бескрајно благодарна.

*Како се роди идејата за Џинот кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат?

– Билјана Црвенковска, писателката за деца, тогаш уредник во „Арс Ламина“ ми се јави и ми рече дека сака да напишам нешто. Првично ѝ реков дека не сум инспирирана, ниту имам време. Но, кога вистинските луѓе како неа, се на вистинските места и кога знаат точно што и зошто прават и другите тоа лесно го препознаваат, не беше тешко да го прифатам предизвикот. Тема – слободна, но со определен рок. Седнав, почнав да пишувам и во мислите ми беа неколку работи од кои децата се плашат, па се обидов да ги прикажам на поинаков начин. На пример темница, таа не е страшна ако замислиме дека тоа може да е јорганот на Џинот кому му е студено пред спиење. И така, понатаму си ја проширив идејата и на други поими како ѕвездите кои се обетки на небото и сфатив дека секое дете и секој родител може да има безброј различни фантазии, само ако малку си дозволат да си ја отворат мислата.

*Книгата содржи кратки волшебни приказни за ѕвездите, виножитото, морето, облаците, ветерот, за разни животни, за ден и ноќ, за плачки, смешки, среќа и страв… Нешто што е секојдневие на сите дечиња, и нивните најблиски… Беше ли тешко, да селектираш за што ќе им раскажуваш на најмладите, и колку твоите внуци те „насочуваа“ со своите фантазии?

– Привилегирана сум да живеам физички блиску до моите внуци (од брат) и тоа ни овозможува почести средби некогаш и пет минути пред да заспијат да дојдат кај мене. Тогаш јас настапувам со раскажување, а тие слушаат и прашуваат најчудни прашања кои не само што ме насочуваат туку и ми даваат знак дека има материјал за раскажување и пишување.

*Дете што чита (или на кое му читаат) е возрасен што размислува… На крајот од секоја приказна поставуваш прашање до малите (и големи) читатели. Дали идејата зад овие прашања е желбата да се поттикнат децата да размислуваат и по читањето на приказната?

– Да, токму така. Идејата е родителите, читајќи да не застанат кога ќе заврши приказната. Туку, таа оттаму може да продолжи на многу различни страни.

*Детските книги често носат моќни пораки до возрасните.  „Џиновска продавница за фантазии“  ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните… Која е главната порака на сликовницата до децата, но и до возрасните?

– Јас сè уште не сум родител, но Ана Кртолица (мајката на моите внуци) го препозна тоа и ме поттикна и јас да ги дополнам приказните со отворени прашања кои ќе им создаде и на родителите желба и инспирација да ги продолжат разговорите со своите деца. И се разбира, не само на родителите туку на бабите, дедовците, учителите, тетките и сите оние кои се вклучени во воспитувањето на децата.

*Книгата се разликува од сите други сликовници и по тоа што е навистина џиновска. Зошто и како се одлучивте за големиот формат на изданието? Дали ја имаше оваа замисла додека ја пишуваше книгата?

– Отсекогаш сум сакала џиновски формат на сликовница. Поточно, засакав од едно издание на „Бушава азбука“, кое беше во голем формат кога јас бев дете. Па така, кога го запознав Џинот решив дека нему ќе му прилега единствено џиновска сликовница.

*По успешната работа на претходната (првата) сликовница Ото, Ото и Ото со шпанската илустраторка Моника Каретеро, соработувате и на новата книга. Како стапивте во контакт со нејзе, и колку брзо ви се поклопија креативните идеи и фантазијата?

– Моника Каретеро е моментално една од најдобрите илустраторки во светот. Има издадено преку 70 книги во Шпанија, Англија, Австралија и САД и е добитник на повеќе престижни награди меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги. Ја најдов и следев на Фејсбук одамна. Кога ја пишував сликовницата Ото, Ото и Ото во главата ги имав единствено нејзините илустрации. Па решив да ѝ пишам бидејќи верувам дека некои работи колку и да изгледаат невозможни може да се случат. И ете се случија. Таа се воодушеви од приказната и прифати без размислување. Така сфатив дека ние всушност на прва сме се препознаеле. Не се знаеме лично, комуницираме електронски, но знам дека сме многу слични во креативноста и страста кон работите кои ги правиме. Моника не знае англиски, јас не знам шпански, очигледно имаме други заеднички нешта.

*Како течеше соработката овој пат? Колку една на друга си интервениравте во идеите?

– Вака оди тоа: јас праќам приказна, таа по некое време праќа илустрации и тоа е тоа. Моника вели дека моите текстови ја инспирираат, а јас пак одвај чекам да видам како таа ги замислила. Имам голема возбуда пред да ја отворам илустрацијата оти таму ќе пронајдам работи кои ги нема напишано нигде, а тоа пак го збогатува целото дело. Моите текстови и нејзините илустрации се во неразделна врска.

*Ова е твоја втора книга за деца, а долги години работеше на проекти за најмладите во „ОХО“ (кој стои зад еден од најголемите брендови за деца кај нас – „Пет плус“). Гледано наназад, кои ти се најважните и најдраги проекти во досегашната кариера?

– Работата во „ОХО“ генерално, и посебно на проектот „Пет плус“ ми се значајни, бидејќи таму имав прилика да ја изразувам сопствената креативност и притоа да научам каква одговорност носи секој од нас кога пласира нешто за публика, особено детска. Понатаму, проектот „Фчерашни новости“ во кој бев од самиот почеток ми е особено важен бидејќи ми го зададе најтешкиот предизвик: да се биде објективен, релевантен и духовит истовремено. Особено во време кога размислувањето со студена глава и не ми одеше баш најдобро.

*Иако сега си со еден поинаков професионален ангажман (раководителка на македонската канцеларија на Креативна Европа МЕДИА) , поврзан со филмот, не се откажуваш од творештвото за деца. Уште колку нераскажани детски приказни и проекти тлеат во тебе? Што да очекуваме следно?

– Сигурно уште многу. Не сум разбуричкала во себе одамна, па затоа не знам што да очекувам или што би рекла мајка ми „не очекувај, дочекувај“. А јас сум секогаш подготвена да ги дочекувам новите приказни.

*Верувам дека најголем пример и поддршка за пишувањето ти е твојата мајка. Колку се консултираш секојдневно со нејзе и каков критичар ти е таа?

– Штом имам идеја веднаш ја споделувам со моите. А моите се: татко ми, мајка ми, брат ми, Ана и Јане. И ги слушам нивните совети отворено, па размислувам што ќе купам. На крајот секако дека мајка ми е таа која ја чита последната верзија и која ги дава забелешките. Среќа наша дека тој однос тогаш се претвора во професионална комуникација и навистина многу ми помага, иако не е секогаш лесно да се слушаат критиките за сопственото дело.

*На кои автори за деца најмногу им се одушевуваш и кои се твоите омилени изданија за деца? Ги читаш ли новите наслови или, пак, преферираш детски класици?

– Се воодушевувам на сите автори кои успеваат да ги однесат децата во друг простор и време. Таква е на пример Билјана Црвенковска од новите македонски автори. А од класиците „Бескрајна приказна“ од Михаил Енде. Многу ми се допаѓа пристапот и во скандинавската детска литература и се разбира има и многу други непрочитани наслови на кои едвај чекам да им дојде редот.

 

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска
anan@arslamina.com

One thought on “Интервју со Бистра Георгиева: „Џиновска продавница за фантазии“ ќе ја поттикне имагинацијата на децата и на возрасните

  1. Пингување: Промовирана сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ од Бистра Георгиева | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.