„Малиот принц“, „Дневникот на Ана Франк“, „Пипи Долгиот чорап“ и „Куќата на ежето“ се само дел од книгите што младиот режисер Ловро Крсник, во знак на протест, ги чита пред хрватската влада. Тој реагира откако култните книжевни дела биле исфрлени од списокот на лектири во хрватските училишта.
Неговата иницијатива #ИПонатамуЧитам започнала на 15 февруари, кога на плоштадот „Свети Марко“, пред влезот на хрватската Влада во Загреб, ја отворил книгата „Малиот принц“ и почнал да ја чита на глас. Оттогаш, секој ден по еден час доаѓа на истото место и чита некоја од книгите што биле изоставени од листата на препорачани лектири во новата наставна програма по хрватски јазик и литература. Својот мирен протест го споделува на социјалните мрежи каде во живо го пренесува секое читање.
– Сакам да ги потсетам луѓето дека и понатаму е важно да се чита и дека не може, тукутака, лесно да се откажеме од книгите или да ги доведуваме во прашање. Секако дека е потребно да се прилагодат и унапредат училишните програми во согласност со времето во кое живееме, но мислам дека тоа никако не смее да биде на сметка на книжевноста. Периодот на задолжително школување и онака брзо поминува во однос на останатиот работен век, и на многумина тоа ќе им биде единствена прилика да се сретнат со книгите кои спаѓаат во класици – изјави Крсник за регионалните медиуми.
Тој планира да продолжи и понатаму да чита по еден час дневно, бидејќи само протест со доследен континуитет има смисла.
Честитки до младиот режисер. Политиката нетреба да се меша во книжевноста и воопшто во уметноста.