ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН МИХАЈЛОВ: Спортски приказни што ќе останат за навек


Најинтересните приказни, помалку познати сведоштва за успесите на македонските спортисти низ историјата, како и детали од средбите со светските асови, доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов ги „спакува“ во својата прва книга: Спортски стории: записи, настани и сеќавања. Спортските мемоари, промовирани на 13 февруари во СЦ „Борис Трајковски“, се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“. Книгата нуди уникатна можност, љубителите на спортот од сите генерации да ги прочитаат најзначајните новинарски белешки на легендарниот спортски коментатор.

 Како се разви идејата за книгата?
‒ Идејата дојде некако сама по себе, најмногу како резултат на веќе собраните материјали за македонските спортски легенди и посебно за основоположниците на некои спортови, за кои сметав дека не треба да ги заборавиме. Моите пријатели кои често знаеја да ми кажат: „Имаш сѐ, зошто тоа не го преточиш во една книга, за да остане за навек“. Во таа насока беше и сугестијата на мојот добар пријател, докторот, фоторепортер и писател Владимир Плавевски, кој има објавено повеќе книги, а последната „Динга стоп“ му беше во издание на „Арс Ламина“. Тој нѐ поврза со директорката за издаваштво Бранка Бугариска и уредничката Бисера Бендевска, на кои им посочив дека имам собрано материјали доволни за цела книга со спортски сеќавања. Брзо постигнавме договор на едно место да се соберат најинтересните приказни за спортските асови, репортерските записи од моите патувања и детали од средбите со светските спортски легенди. Книгата ги содржи најважните моменти од мојата коментаторска кариера и известувањето од 15-те олимпијади (девет летни и шест зимски).

Во „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ правите збир од најважните моменти од вашата досегашна 55-годишна кариера како новинар и спортски коментатор. Беше ли тешко да се соберат на едно место сите приказни и да се изберат најзначајните и најинтересните?
‒ Кога некои работи сум ги регистрирал и нашле место како напишан текст во мојата документација, значи дека биле интересни. Меѓутоа, тешко беше од мноштвото текстови да се изберат кои ќе бидат дел од мојата прва книга. Верувам дека ќе има и втора, а можеби и трета книга, зашто спортот е непресушен извор на . Се определив да направам селекција на најважните настани од втората половина на минатиот век, кога во рамките на поранешна Југославија, македонскиот спорт го подигна својот квалитет, и кога, на пример Шабан Трстена стана олимписки победник. Така, решив да ги селектирам материјалите според постигнувањата.

Од какво значење е оваа книга за вас, за вашата кариера и за македонското спортско новинарство и воопшто за спортот кај нас?
‒ Книгата ми донесе радост и ја надополни мојата кариера. За мене е од големо значење и многу сум среќен што излезе една ваква книга со приказни за асовите и со потсетување на нашата спортска историја. Таа сигурно ќе ги поттикне и другите новинари, оние помладите, да не бидат врзани само за интернетот, туку со свој ракопис да ги бележат настаните, за потоа, кога ќе почувствуваат дека е дојдено времето, да напишат и книга. Јас претежно се задржав на настаните до распадот на Југославија, но тие нека почнат со новото, но со моја препорака – да не го заборават и старото време и некогашните спортски успеси.

Од прва рака сведочите за најважните спортски, но и историски моменти од 1964 година, па наваму. Кои моменти (опфатени во книгата) би ги издвоиле како неповторливи и највпечатливи?
‒ Никогаш нема да го заборавам моето прво известување од олимпијада ‒ во Минхен 1972 година. Таму, покрај натпреварите и величењето на победниците, поведочивме и на крвав настан. Ја нареков „Крвава олимпијада“, зашто беше извршен терористички напад, во кој настрадаа 11 израелски спортисти. Потоа, од книгата би издвоил патувањето со „застава 750“ (популарно наречен „фиќо“) во 1967 година до Хелсинки и назад, за со мојот колега Марко Черепналкоски да известуваме од Европското првенство во кошарка. Не ја заборавам и Зимската олимпијада во Сараево 1984 година и последниот настап на југословенската кошаркарска репрезентација на ЕП во Рим 1991 година, каде што беше освоен последниот златен медал од тој феноменален состав, кој подоцна се распадна. На почетокот од книгата се нашите спортски легенди, а во завршниот дел зборувам и за мајсторите на црно-белата табла. Има уште многу други нешта, но би ја споменал возбудата која беше присутна кај мене кога првпат го зедов микрофонот – на Светското првенство во ракомет за жени. Практично со тоа почна мојата кариера како ТВ-коментатор, инаку, пред тоа, осум години бев во спортската рубрика на „Нова Македонија“, каде што бев и уредник. Во кариерата се редеа многу преноси, но за мене незаборавни ќе останат оние за боксерот Аце Русевски, кои за многумина се антологиски и незаборавни.

Во книгата зборувате и за најзначајните личности од спортската сцена во Македонија и светот. Може ли да издвоите дел од личностите за кои ќе можеме да прочитаме во мемоарите? 
‒ Покрај известувањата за Аце Русевски ќе ги паметам и преносите за борачките шампиони: Шабан Трстена, Шабан Сејдиу и Могамед Ибрагимов. Сите тројца освојувачи на бројни медали за Македонија, од кои дури пет олимписки. Исто така, незаборавен е почетокот и издигнувањето до кошаркарскиот врв на Благоја Георгиевски и успесите што ги постигна Стојна Ванѓеловска, како капитен на југословенската кошаркарска репрезентација. Ќе прочитате и за оние кои по Втората светска војна го отвораа патот за напредок во многу спортови. Тука се легендарните Кирил Симоиновски-Џина (фудбалер), Лазо Милошевски (атлетичар и спортски радиорепортер), Благоја Видиниќ (репрезентативен фудбалски голман), Стефан Тодоровски-Цефи (основоположник на кошарката кај нас), Лазар Лечиќ и Александар Књазев, со кои почна квалитетното издигнување на овој спорт. Не го заборавам и Славко Матовски, актер во многу спортови, но највредните постигнувања му беа во ракометот. Нада Ицева ‒ падобранка ‒ шампионка на Југославија и двојна светска рекордерка, шаховските интернационални мајстори Јован Софревски и Ристо Ничевски. Тоа се личности од нашата сцена, а од светската сцена пишувам за директните средби со тројцата светски шаховски шампиони ‒ Боби Фишер, Михаил Таљ и Борис Спаски, со кого имав интервју меѓу првите, откако ја освои светската круна во 1969 година, кое во целост е пренесено од „Нова Македонија“. Опишана е и средбата со најбрзиот човек на Земјата ‒ Јусеин Болт.

Останаа ли материјали за следни објави?
‒ Секако, има уште многу кои немав можност да ги сместам во оваа книга, зашто ќе беше можеби не со 350, туку со повеќе од 1350 страници! Но, да сме здрави и живи и тие ќе си го најдат местото.

Зенитот на својата медиумска кариера го достигнувате во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што сте еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. Како влеговте во новинарството и во екипата на МТВ? Од кого учевте и со кого соработувавте?
‒ Со оглед на тоа што атлетиката ја освојуваше ТВ-програмата и стана сепоприсутна, а јас како поранешен атлетичар, новинар во спортската рубрика на „Нова Македонија“, бев веројатно интересен за одговорните во спортската редакција на тогашното ТВ Скопје: Атанас Костовски и Никола Солдатов, па дојде понуда да поминам кај нив и да почнам со телевизиското коментирање. Предизвикот беше голем, ја прифатив понудата и не згрешив што дојдов во многу поразличен медиум од пишаниот. Во него порасна и мојата популарност, а се создадоа можности и за многу патувања и коментирања на врвните спортски настани. Инаку, многу научив и од Таско и од Солдат, кој како да беше роден со микрофонот, и од раната младост беше меѓу првите репортери и спикери на „Радио Скопје“. За преносите многу научив и од Драган Никитовиќ, особено кога се работеше за боксот, а за атлетиката ја почитував и „купував“ нешто и од Милка Бабовиќ, која своевремено, исто така, беше атлетичарка и шампионка на Југославија на тогаш 80 метри (не на 100) со пречки. Применувајќи ги нивните искуства, вплетени со моите знаења, станав коментатор кој даде придонес за развојот на спортското коментаторство во Македонија.

Гледајќи наназад, кои се најзначајните моменти од вашата кариера и најдраги ангажмани, патувања, преноси…?
‒ Тешко прашање, бидејќи ги има многу, мислам на патувањата. Сепак, највпечатливи ми се присуствата и коментирањето или известувањето од 15-те олимпијади, како и 13 светските првенства. Чувството дека си во друштво со спортската елита е прекрасно. Сепак, од преносите би ги издвоил оние кога македонските спортисти настапуваа на големата сцена и освојуваа медали. Во минатото, во поранешната држава секој олимписки пренос беше предизвик, зашто имаше многу квалитетни екипи и поединци, кои се бореа за место на пиедесталот.

По пензионирањето, не мирувате, активно работите ,пишувате снимате: На кои проекти сте посветени во моментов?
‒ Најмногу со уредничката Бисера Бендевска од „Арс Ламина“ бев посветен на дообликување на книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“, која практично ќе биде едно пријатно четиво за сите љубители на спортот. Ќе дознаат многу работи за патот на нашите асови до светскиот врв. Исто така, се подготвувам да продолжам со емисијата „Македонски спортски легенди“ на „Наша ТВ“, пишувам стории од минатото за порталот „Улица.мк“, а деновиве ќе стартувам и со нов проект на Радио РФМ, кое е дел од оваа телевизија, каде што ќе имам најави и осврти од мечевите на фудбалската Лига на шампиони и Лига Европа. Ќе почнам со подготовка и на новата книга, насловена „Мала спортска енциклопедија“, во која ќе бидат сместени 50-те легендарни македонски спортисти од XX век.

Малкумина знаат дека во младоста сте биле атлетичар и кошаркар? Какви се вашите успеси и постигнувања како спортист?
‒ Основен спорт ми беше атлетиката, но играв и кошарка, особено кога Лечиќ се врати од школувањето во Белград, а и ракомет со којшто стигнав и до младинската репрезентација на Македонија со освоено трето место на Купот на републиките во Охрид во 1962 година, но атлетиката беше мојот спорт. Тука постигнав и најмногу – од првак на Југославија за младинци на 1500 метри стипл-чез до репрезентацијата на поранешната држава. А бев и капитен на двомечот Југославија-Бугарија во Скопје, којшто се одржа само пет дена пред катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

За сите постигнувања во спортот и во новинарството добитник сте на повеќе награди и признанија. Се вбројувате и меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, што ја добиле наградата од АИПС за професионално информирање, како и за афирмација на атлетскиот спорт. Од какво значење за вас и за македонското спортско новинарство е ова признание? Кои други награди Ви се посебно драги?
‒ За мене секоја награда претставува чест и се гордеам со неа, а верувам дека и тоа што го добивам како признание од најрзлични спортски и други асоцијации, како македонски новинар, е од значење и за нашето спортско новинарство. Иако, некој ќе рече дека е тоа само мое признание, не се согласувам со нив и ќе повторам ‒ признанието го чувствувам како наше заедничко. Инаку, покрај наградата од АИПС, имам сребрена плакета од Атлетски сојуз на Југославија, потоа ордени од Европската боксерска и Светската боречка организација. На домашна сцена добитник сум на наградата на Скопје „13 Ноември“ (2006) и државната награда „8 Септември“ (2013).

Колкаво место зазема спортот и новинарството во секојдневието во вашето семејство?
‒ Во семејството уште од утринските часови главна тема е спортот. Мојата сопруга многу се интересира за спортот, а син ми Горазд е професионален фудбалски тренер. Внуците Зоран и Димитриј, пак, веќе неколку години тренираат фудбал во пионерските категории на клубот „Работнички“.

Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

Advertisements

One thought on “ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН МИХАЈЛОВ: Спортски приказни што ќе останат за навек

  1. Пингување: Промовирана книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.