Зоран Михајлов ‒ Новинарот кој присуствувал на рекордни 15 олимпијади


Во ова издание на „Астрорум“ гостува еден од доајените на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов. Покрај тоа што се работи за неверојатно инспиративен соговорник со завидно професионално портфолио, овој разговор има и директен повод ‒ првата авторска книга „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“, во издание на „Арс Ламина ‒ публикаци“. Станува збор за своевидни мемоари во кои се содржани помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата и за средбите со светските спортски асови.


Зоран Михајлов е роден во Битола, на 17 јануари 1945 година. Основно и средно образование завршува во Скопје, каде што и дипломира на Филолошкиот факултет кај професори како Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божо Видоески, Димитар Митрев и др. Во неговата прва книга, легендарниот спортски коментатор сведочи за важни спортски, но и историски моменти. Се сеќава на најзначајните личности, натпревари, олимпијади и првенства ширум светот, што ги следи како новинар-коментатор во својата 55-годишна кариера. Се разбира, сите негови сеќавања не можат да се вградат во една книга, па така, со вештите сугестии на уредничката Бисера Бендевска, тој успева да ја извади есенцијата и да ја спакува во обем од 350 страници.


Тој е редовен посетител на летните и зимските олимписки игри во последните четириесетина години, како и на сите позначајни атлетски, пливачки и боречки манифестации. Во коментаторската кариера Михајлов е рекордер во коментирање и известување од најголемиот спортски настан на светот – олимпијадата. Тој присуствува на 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски, и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.


Зенитот на својата медиумска кариера го достигнува во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што е еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. По пензионирањето, не мирува: ја уредува и ја води емисијата „Македонски спортски легенди“ на „Наша ТВ“, редовно објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“, пишува за порталот „Улица.мк“ и подготвува нов проект на „Радио РФМ“.
Малкумина знаат дека Михајлов во младоста бил одличен атлетичар, државен рекордер и првак на Македонија и на поранешна СФР Југославија. Истовремено бил и активен кошаркар.


За сите постигнувања во спортот и во новинарството добитник е на повеќе награди и признанија. Меѓу другото, добитник е и на државната награда „8 Септември“ и наградата на Град Скопје, „13 Ноември“. Михајлов се вбројува меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, што ја добиваат наградата од АИПС (Светска асоцијација на спортските новинари) за професионално информирање, како и за афирмација на атлетскиот спорт.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.