Извадок од биографијата на Леонард Бернштајн од авторот Хемфри Бартон

Во чест на стогодишнината од раѓањето на еден од најпознатите американски композитори, диригент и пијанист Леонард Бернштајн,  „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја објави неговата биографија, потпишана од авторот Хемфри Бартон. Во продолжение ви претставуваме извадок од биографијата.

ПОГРЕБ

Имаше известување дека погребот ќе се одржи во вторник, на 16 октомври 1990 година во 11 часот, а кога со сопругата пристигнавме на местото десет минути пред единаесет, просторијата веќе беше полна.
Станот на Бернштајн, број 23, го зазема вториот кат од североисточната страна на „Дакота“, историска градба во Централ парк вест, каде што Леонард Бернштајн живееше речиси дваесет години. За оваа пригода дневната соба и библиотеката се претворија во приемни простории за присутните; во воздухот преовладуваше чувство на тежина зашто Бернштајн почина пред помалку од два дена на возраст од седумдесет и две години. На барот за пијалаци во ходникот видов длабок сад полн со јармулки. Си ставив една врз главата, чувствувајќи се притоа малку како наметливец зашто не сум Евреин, и нервозно фрлив поглед кон пуританската домаќинка со безизразно лице, насликана во природна големина, што беше дел од мебелот во претсобјето уште откако Фелиција Бернштајн, сопругата на Лени, ја купи во една продавница во Лондон. Сè уште помнев како сликата се транспортираше во Америка за Фелиција, целата завиткана во кафеава хартија, на млазен авион речиси дваесет години пред тоа.
Во дневната соба, двата големи клавири, со многубројните фотографии што обично стоеја на нив во своите сребрени рамки, беа тргнати до ѕидот, а наместо нив беше поставен огромен мртовечки ковчег, под прозорецот со поглед на Седумдесет и третата улица, а во лабав полукруг околу него беа наредени низа од педесет или шеесет стола. Токму во оваа соба Бернштајн во 1984 година ја одржа првата клавирска проба за својата нова снимка, Приказната од западната страна – ако замижев, можев да си споменам како Кири Те Танава и Татјана Тројанос ги пеат „Се чувствувам убава“ и „Америка“, додека Бернштајн жестоко им аплаудира. Сега замина, „сосечен во цветот на младоста“, како што ден пред својата смрт се шегуваше со својот пријател Менди Вејџер. А, Вејџер, кој го познаваше Бернштајн уште од четириесеттите години, седеше блиску до нас и сè уште не можеше да се соземе од шокот дека пријателот му починал на раце.

Во близина седеше и текстописецот и писател Адолф Грин заедно со својата сопруга, Филис Њуман. Грин и неговата партнерка-писателка Бети Комден, која исто така беше присутна, не беа напишале многу нешта заедно со Леонард по нивниот хит-мјузикл Прекрасен град, во педесеттите години, а сепак останале многу блиски пријатели и живееја само неколку блокови подалеку од Бернштајнови. Бети велеше дека Леонард ги помнел зборовите на нивните текстови за мелодиите и подобро од нив лично. Уште еден присутен, Сид Рамин, еден од оркестраторите на Приказната од западната страна, уште подолго го познаваше Бернштајн – учеле заедно во училиштето во Роксбури, Масачусетс. Меѓу другите соработници на Приказна од западната страна присутни на овој настан беа Артур Лоренц, кој го напишал либретото; Стивен Зондхајм, кој ги напишал стиховите; дизајнерот Оливер Смит; двајцата продуценти, Харолд Принс и Роџер Стивенс; и кореографот Џером Робинс, кој го смислил и го режирал ова сценско дело. Сите тие минале низ сито и решето со Бернштајн.
Претставник на еден друг сегмент во Бернштајновиот живот беше Ден Гастин, директор на Беркширскиот музички центар во Тенглвуд, летниот дом на Бостонскиот симфониски оркестар. Тенглвуд го основал најважниот од сите Бернштајнови ментори, диригентот со руско потекло Серж (Сергеј) Кусевицки, а самото место отсекогаш било извор на инспирација за Бернштајн. Во 1940 година во Тенглвуд првпат диригирал на концерт, а таму диригирал и на својот последен концерт, помалку од два месеца пред смртта. Гастин го гледал како се бори да ја диригира докрај Седмата симфонија на Бетовен, толку задишан што едвај се симнувал од сцена.

Уште еден Бернштајнов ментор, композиторот Арон Копланд, речиси на 90-годишна возраст, беше премногу стар и кревок за да присуствува на погребот, но присуствуваа неколку други негови пријатели-композитори, меѓу кои и Лукас Фос, кој слушал кај истите професори со Бернштајн од Институтот „Кертис“ во Филаделфија. И двајцата се издигнале од почетните рангови во Тенглвуд и станале соработници на Кусевицки, и двајцата станале професионални диригенти, пијанисти и композитори. Фос дури бил споменат, дваесет години претходно, како можен наследник на Бернштајн на местото музички директор на Њујоршката филхармонија.
Во последен миг, на погребот итајќи директно од проба, пристигна и виолинистот Исак Штерн. Половина живот пред тоа премиерно ја поставил Серенада од Бернштајн, а тие двајцата заедно воделе многубројни битки од името на нивниот сакан Израел. Меѓу преостанатите музички личности присутни на погребот беа и Мајкл Тилсон Томас – од сите Бернштајнови диригентски протежеа можеби според духот најблизок до Бернштајн; Џон Маучери, кој долго време напорно работел за повторно да ја постави Кандид; и оперскиот режисер и либретист Стивен Вадсворт, со кого Бернштајн ја напишал Тивко место, својата единствена комплетна опера. Просторијата беше исполнета и со други значајни актери во драмата на Бернштајновиот живот: негови адвокати и агенти, директори на оркестри и продуценти на плочи, издавачи и администратори – сите како пријатели што му беа посветиле голем дел од своите професионални животи.

Во заднина стоеја неговиот последен придружник, висок 30-годишник од Југот по име Марк Адамс Тејлор, и Арон Штерн, образовниот теоретичар кој му читал мистична персиска поезија на Бернштајн за време на вечерата ноќта пред неговата смрт.
И конечно, присутни беа членовите на семејството на Бернштајн. Мајка му Џени долетала од Бостон, каде што живееше над седумдесет години. Сега имаше деведесет и две години и беше во инвалидска количка; нејзиниот сопруг Сем, руски доселеник како и таа, починал во 1969 година. Многу тешко ја примаше смртта на својот син. До неа стоеше ќерка ù Ширли. Пет години помлада од Леонард, во четириесеттите години споделувала голем дел од неговите успеси. Тука беше и Бартон Бернштајн, помалиот брат на Бернштајн и редовен колумнист во „Њујоркер“, кој се поздравуваше со гостите и мрмореше со членовите на семејството; на неговата втора сопруга Џејн и на неговите две возрасни деца, Карен и Мајкл, им се придружија трите Бернштајнови деца: 28-годишната Нина, 35-годишниот Александар и 38-годишната Џејми, во друштво со својот сопруг Дејвид Томас и со нивната тригодишна ќерка Френки.
Сè беше организирано и тивко, како неверојатен контраст со острите тензии во сцената во просторијата за прием на погреб, сцена што Бернштајн ја замислил како почеток на својата опера Тивко место. Молитвите ги водеше рабинот Маршал Мејер, чиј богат баритон трепереше од емоции. „Еича јашва вадад хаир…“, почна тој – „Колку ли напуштен градот лежеше“ – првите стихови од „Лелекот на Еремија“ што Бернштајн ги постави за женски глас во својата прва симфонија.
По молитвите, членовите на семејството, еден по еден, зборуваа пред присутните. Мајка му и сестра му на Бернштајн беа премногу скршени за да се обратат пред гостите. На крајот, прв проговори Бартон, кој опиша колку му било тешко да прифати дека неговиот брат, кој отсекогаш „беше поголем од животот, испадна дека е помал од смртта. И неверојатно, тукутака, сега повеќе го нема“. Неговото изненадување полно со болка како да ги преточуваше во зборови чувствата што многумина ги имаа, а не знаеја како да ги изразат, уште откако се објави шокантната вест.
„Татичко еднаш ми се заколна дека никогаш нема да се разболи од рак, а јас му поверував“, рече Џејми кога дојде ред на неа. „Ми имаше смисла; па, погледни колку имал среќа низ годините. Тој е човек што има најмногу среќа на целата планета. Погледни како возеше. Доживеал ли некогаш сообраќајна несреќа? Не. Погледни колку одеше по забави и остануваше буден по цели ноќи. Сигурно дека понекогаш се разболуваше, а понекогаш стануваше и многу, многу депримиран. Но, ништо што не можеше да се оправи со малку виенско ласкање. Ништо што не можеше да се закрпи со малку небесен Брамс. Што сакаш да кажеш, овој пат нема да се извлече? Невозможно!“

Александар прочита куса поема од некој чешки поет што татко му, во својот ентузијазам, ја превел од германската верзија. Потоа, Нина залудно се обиде да каже нешто смисловно, Мајкл Вагнер зборуваше кусо. По последните молитви и по последното „Амин“, уследи мрморењето изрази на сочувство, преку кафе и торта. Во празната библиотека мртовечкиот сандак од полиран махагони дејствуваше како магнет и ги привлекуваше натажените гости еден по еден да му се доближат и тивко да се збогуваат.
На улицата осветлена од сончевите зраци беа паркирани дваесет долги црни лимузини кои ги чекаа гостите за да ги однесат преку мостот до гробиштата Гринвуд во Бруклин. Кога сандакот се појави од „Дакота“, луѓето што се беа собрале на тротоарот спроти станот почнаа да ракоплескаат и ракоплескаа сè додека не беше сместен во посебниот простор од едната лимузина. Дури и во смртта Бернштајн беше крунисан со овации. Додека погребната поворка се пробиваше низ градот, ја следеше полициска придружба – сирени, блокиран сообраќај, мотоцикли кои возеа пред и зад неа во процесија – што обично им се доделува на шефови на држави: сите во градот Њујорк беа и повеќе од свесни дека си замина еден од неговите принцови. На едно градилиште по патот во Бруклин, едни работници, качени на скелиња и одозгора гледајќи ја тажната поворка, си ги извадија од главите жолтите работнички шлемови и викнаа: „Збогум, Лени“.

Од гробиштата се ширеше поглед врз Статуата на слободата, низ крошните на дрвјата и преку сините води. Беше блескав есенски ден, нажалените присутни, припадници на различни вери и на ниту една вера, заеднички ја измолија Кадиш и секој од нив симболично фрли по малку земја со лопата врз сандакот. Леонард Бернштајн беше положен во своето вечно почивалиште длабоко под земја, на едно зелено ритче, веднаш до својата сопруга Фелиција, која почина дванаесет години пред тоа. И така заврши и последното поглавје во животот на еден од најисклучителните и најекстравагантни уметници и врвни музички присуства во XX век. Низ својата музика го изразил духот на една неспокојна, копнежлива, желна доба. Низ своите подучувања, диригентство и културно предводништво, инспирирал цели генерации музичари и вљубеници во музиката. Уште на почетокот од својот живот стана најпознатиот класичен музичар во Америка: во моментот кога почина, вистински му припаѓаше на целиот свет.

Биографската книга за Леонард Бернштајн е достапна во книжарниците „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ , „Скопје сити мол“, и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40. Може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк.

Видео на „Литература.мк“ во чест на 100 години од раѓањето на Леонрад Бернштајн

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.