Најстарата зачувана илустрирана книга за деца „Орбис Пиктус“ („Orbis Pictus“) од Јан Амос Коменски била објавена во 1658 година. Книгата, која е позната и под називот „Orbis Sensualium Pictus“ („Светот виден низ слики“), се смета и за еден од најстарите илустрирани учебници, преку кој децата го запознавале светот. Оваа книга ги поставила и темелите на денешните книги со илустрации и покажала дека преку слики може полесно да им се објаси содржината на децата.
Делото на Јан Амос Коменски важи и за прв книжевен хит во детското издаваштво и првиот широко користен учебник со слики. Најпрво бил објавен на латински и германски јазик. Потоа бил преведен на многу јазици и станал најпопуларниот учебник за основно образование во Европа. Книгата почнува со реченицата која веројатно звучи невообичаено за денешните детски книги: „Дојди дете, научи да бидеш мудар“ (ова е поддржано со илустрација на учител и ученик). Следува прашање од ученикот: „Што значи тоа, да се биде мудар?“. Учителот одговара: „за да сфатиш точно, да делуваш правилно и да го кажеш исправно тоа што е потребно“. Книгата има 35 поглавја со филозофски лекции, текстови за елементите, растенијата и животните, а има и обемна дискусија за религијата.
Јан Амос Коменски (1592 ‒ 1670) бил чешки образовен и верски водач. Во 1631 година го објавил учебникот „Јануа Лингуариум Ресерата“ („Janua Linguarum Reserata“), каде што опишува корисни факти за светот, на латински и чешки јазик. Книгата била преведена на 16 јазици.
Извор: Оpenculture.com