Веднаш по стандардизирањето на македонскиот јазик, пред 73 години, на 26 јануари 1946 година излегла до печат првата „Македонска граматика“, чиј автор е Круме Кепески. Најважната улога на Граматиката на Кепески е што ја развила свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност.
Откако на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 година, македонскиот литературен јазик станал службен јазик, се јавила потребата од официјална граматика. Па така, македонскиот граматичар, педагог, лингвист, преведувач и собирач на народни умотворби, Кепески, за мошне кратко време ја напишал граматиката која наскоро била и отпечатена. Со оваа книга истовремено се засновала и македонската граматичка терминологија.
Со граматиката, со која првпат се дадени научните основи на македонскиот литературен јазик, нашиот јазик станува рамноправен член во групата словенски јазици. Се покажува посебната структура на јазикот поставена уште со формирањето на македонскиот народ, која и понатаму се развива како сведоштво на македонската самобитност. Без оваа граматика не може да се замисли понатамошниот развој на образованието, науките, но и развојот на апстрактното мислење на учениците, на колективот, на народот, на нацијата, и пошироко, на глобалните форми на комуникација.
Затоа, Граматиката веднаш нашла соодветна примена во практиката, првенствено во образовната, а потоа и пошироко, во сите заживеани комуникациски сфери во македонскиот општествено-политички живот, во културата, во администрацијата итн.
Проф. Круме Кепески (1909 –1988) ѝ припаѓа на историски еминентната генерација македонски интелектуалци и творци, што созревала во годините непосредно пред Втората светска војна и којашто се вклучила многу активно во столетните стремежи на своите претходници, но и на своите современици. Покрај тоа што е автор на првата „Македонска граматика“ (1946 г.) тој е и коавтор, со Шаип Јусуф, и на првата „Ромска граматика“, објавена во 1980 година, на збирката анегдоти, хуморески и легенди „Островот бил парче земја фрлен во вода“, објавена во 1993 година и на други дела.
На следниот линк можете да ја погледнете граматиката поставена на интернет-порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“, кој содржи над 50 дигитализирани стари книги. „Македонска граматика“ од Круме Кепески
Извори:
Wikipedia.org/Круме_Кепески