Tретиот регионален конкурс за краток расказ „Бибер“ на тема помирување и надминување на предрасудите е отворен и ќе трае до 10.6.2019 година. Конкурсот е наменет за ангажирани раскази на албански, босански, црногорски, хрватски, македонски и српски јазик.
Првите два конкурса „Бибер“ беа на тема помирување, а овој пат темата е проширена. Покрај расказите што го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се бават со соочување со минатото, што ја разградуваат сликата за непријателите, храбри раскази што се осмелуваат да одат во „непријателски” чевли, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
– Ги повикуваме авторките и авторите кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или српски јазик да ни ги испратат своите раскази. Повикот се однесува на афирмирани авторки и автори, како и на оние кои досега немаат објавувано. Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник. Со овој конкурс, исто така, сакаме да придонесеме кон културата на преведување и објавување автори/ки од нашето најблиско соседство и да ги поддржиме ангажираните автори/ки да продолжат да влијаат врз општествените промени – велат организаторите, тимот на Бибер во соработка со Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград.
Жирито во состав Лејла Каламујиќ, Румена Бужаровска и Шкељзен Малиќи ќе избере и три раскази што ќе освојат награда. Одлуката на жирито ќе биде објавена до крајот на октомври 2019 година.
Расказите може да се испраќаат на следната адреса: biber@nenasilje.org