Српското издание на популарната книга за деца „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ од нашата позната писателка Билјана С. Црвенковска е меѓу хит-насловите на „Лагуна“ во Белград.
Книгата, која на српски јазик излезе под наслов „Шест чаробних колачића“, ја објави престижната издавачка куќа „Лагуна“ под детскиот импринт „Мала Лагуна“. Таа беше претставена минатиот октомври во рамките на 63. издание на Саемот на книга во Белград.
Илустрациите на „Супервештерката…“ се на Здравко Гиров, а преводот на српски е на Зоран Пеневски.
Книгата првично беше објавена на македонски јазик во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е сосема неверојатна приказна за едно неверојатно девојче кое не сака да си го открие името, за една исто толку неверојатна бела мачка, за еден парк по име Зеленпарк што крие мнооогу мистерии, за еден дух од таванот, за еден мистериозно исчезнат поет и уште многу други чудни нешта. Плус, ова е прирачник за девојчињата што фантазираат да станат супервештерки и тест „Каква вештерка си?“, содржи и суперкреативен вештерски дневник и вештерска чкртанка-цртанка.
„Супервештерката…“ на македонски јазик е достапна во книжарниците „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ , „Скопје сити мол“, и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40. Може да се нарача и онлајн преку http://www.literatura.mk на следниот линк.