Авторките на „Бунтовни девојчиња“ ексклузивно во новиот број на „Лице в лице“

Под наслов „Приказни што раѓаат бунтовнички што го менуваат светот“, во 34. издание на единственото македонско улично списание „Лице в лице“ е објавено интервју со Елена Фавили и Франческа Кавало – авторките на хит-книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“. Двете Италијанки ексклузивно за „Лице в лице“ раскажуваат како нивните приказни ја кренаа јавната свест за родовите прашања, го промени начинот на кој се продуцираат книгите за деца и предводи цело едно движење. Македонското издание на „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ беше објавено во мај, минатата година, во издание на „Арс Ламина – публикации“. Книгата премиерно беше преставена во рамките на фестивалот „Прво па женско“, а беше изложена и на 30. издание на Саемот на книгата во Скопје. Во продолжение ви го пренeсуваме целото интервју.

Франческа Кавало и Елена Фавили и насловната страница на 34. број на „Лице в лице“

Новинарка и режисерка, двете Италијанки, се најдоа во Силициумската долина во САД, во папокот на светот на иновациите, технологијата и на претприемаштвото. Елена Фавили и Франческа Кавало зa „Лице в лице“ раскажуваат како нивната книга „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ ја крена јавната свест за родовите прашања, го промени начинот на кој се продуцираат книгите за деца и предводи цело едно движење.

– Каков балон сакаш, меч или срце? – прашува магионичарот.
– Меч – експресно одговара момчето, а магионичарот „автоматски“ прави маневар со кој од синиот балон креира форма на меч.
Истото прашање го поставува на секое дете присутно на роденденската забава. Момчињата, како програмирани, се определуваат за меч, a девојчињата одбираат срце. Магионичарот прави десетици сини и зелени мечови и розови и црвени срциња. Наредени едно зад друго, секое дете си одговара без размислување, а магионичарот веќе почнува и да ги прави формите без да праша – меч за момчиња и срце за девојчиња.
Доаѓа на ред едно девојче и со насмевка извикува:
– Не сакам срце, дај ми меч!
Магионичарот се озарува, прави огромен меч од зелен балон, му го подава на девојчето, а тоа пресреќно, истрчува со раката во воздух, високо, високо како да ќе полета.
Девојчето по него, со срамежлив глас вели дека и тоа сака меч. Тоа по него, исто така, а момчето зад нив, пак, вели:
– Епа јас сакам срце.

Кусата приказна од реалниот живот ни покажува дека беше потребно само едно дете (девојче, де) да излезе од вообичаената норма за да се охрабрат и сите други, па да си ги кажат своите желби и потреби, да направат промена. Кратката приказна е и за тоа како уште од мали нашите деца ги учиме какви треба да бидат, но е и полна со стереотипи. Со родови стереотипи, кои е неопходно да ги надминеме. Жените и девојчињата насекаде низ светот и понатаму се жртви на насилство и на дискриминација, а во Глобалните цели за одржлив развој, петтата цел е токму за родова еднаквост. Немојте да ни кажете дека нарацијата од поодамна, но и поновата (во која мажите се херои, активни и доминантни, додека жените се „наградата“, спакувани, мили и молчаливи) немаат врска со нееднаквоста што доведува една од пет жени да искусува физичко или сексуално насилство од својот партнер. Одеднаш, здодевната игра станува возбудлива. Сите трчаат и играат со балоните, симулираат летање со мечот, го ставаат срцето како ѓердан, ги фрлаат балоните во воздух и ги дочекуваат со насмевки.

Македонското издание на „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ беше објавено во мај 2018 г. во издание на „Арс Ламина – публикации“

Револуцијата на „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“

Новинарка и режисерка, двете Италијанки, се најдоа во Силициумската долина во САД, во папокот на светот на иновациите, технологијата, претприемаштвото. Елена Фавили и Франческа Кавало, за „Лице в лице“ раскажуваат како нивната книга „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ ја крена јавната свест за родовите прашања, го промени начинот на кој се продуцираат книгите за деца и предводи цело едно движење. На македонски јазик, во издание на „Арс Ламина“ ја имаме првата книга од серијата на Фавили и на Кавало, додека втората е во подготовка. Со продажба во повеќе од два милиона примерока, нивната иницијатива станува најуспешниот наслов во историјата на краудфандингот, а книгата за деца и за возрасни содржи сто приказни за животот на сто жени од минатото и од сегашноста, со илустрации од 60 женски уметници од целиот свет. Оваа книга ги инспирира девојчињата со приказни за големи и силни жени, чиишто дела го промениле текот на историјата. Уметници, научнички, танчарки, врвни готвачки, астронаутки, џез-пејачки, фараонки, боксерки, писателки, политички водачи, од Клеопатра, преку Фрида Кало, Елизабета Прва, Марија Кири, до Одри Хепберн, Серена Вилијамс, Бијонсе.
– Медиумите имаат тенденција да ги претставуваат жените во многу тесна смисла, а за нас е важно уметноста да покаже дека женственоста доаѓа до израз на многу различни начини – велат тие.

Тие објаснуваат дека решиле да дадат свој одговор на приказните за принцези, чиешто животно достигнување е да се омажат за принцот на бел коњ, па ги прашуваме кој беше главниот катализатор што ги доведе до вака поставената борба со сексизмот и со родовата нееднаквост?
– Многу е важно за девојките да имаат женски примери. Тоа им помага да станат посамоуверени и да си постават поголеми цели за себе. Обете сме во раните 30-ти, ние сме претприемачки и од прва рака знаеме колку е тешко да се успее, да бидеш земен предвид и да ти се даде шанса – вели Елена.
Франческа, пак, додава дека, според одредени истражувања, додека девојчињата да стигнат до основно училиште, тие веќе имаат намалена самодоверба во однос на момчињата.
– Токму затоа, промената на нарацијата уште во најрана возраст е особено важна. На родителите им се нудат малку ресурси да го совладаат тој тренд и тие се особено загрижени поради недостигот од силни женски примери во медиумите за деца. Затоа решивме да ја создадеме „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ – појаснува таа.

Оваа книга ги инспирира девојчињата со приказни за големи и силни жени, чиишто дела го промениле текот на историјата

Малите девојчиња со големи соништа стануваат жени со големи визии

Кавало објаснува за нивни те почетоци кога во 2012 година се преселиле во Силициумската долина и станале дел од „500 стартапс“, еден од најголемите стартап-фондови што нуди акцелераторска програма.
– Бевме првите Италијанки што станале дел од оваа престижна програма и бевме во можност да подигнеме фондови за поддршка на нашиот магазин за деца „Тимбукту“ – додава Фавили. Почетокот не бил воопшто едноставен, па таа појаснува дека откако се преселиле во Лос Анџелес, и покрај тоа што многу време поминувале во развој на „Тимбукту“, таа морала да работи и како консултантка, а Франческа пишувала хорор-приказни во форма на СМС за да можат да ја платат киријата за малиот стан во кој живееле.
– Пишувавме и неделен њузлетер, во кој првично ги тестиравме приказните што понатаму ќе се најдат во книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ – раскажува Елена.
Нивната компанија, „Тимбукту лабс“ го имаше создадено првиот ајпад-магазин за деца, „Тимбукту магазин“, додека првата книга е преведена на повеќе од 45 јазици во 70 земји низ светот. Светските медиуми разгласуваа дека со ова го потресле светот на издаваштвото и дека почнале револуција. Тие, пак, велат дека, едноставно, направиле нешто сосема поинакво и дека продолжуваат со пионерство и со иновативност.
– Како дигитален сопствен производ, ние сме смели, брзи и борбени. На овој начин и ќе продолжиме да ја нарушуваме медиумската индустрија. Нашиот иновативен и свеж пристап кон издаваштвото ќе нè држат понапред од сите други и ни го отвора патот кон тоа да ги промениме приказните што им ги раскажуваме на нашите деца – вели Франческа.
Ги надмудрија корпорациите и место да го предложат својот проект кај големи издавачи (кои би си го уредувале производот „по нивно“ и би зеле голем дел од профитот), двете жени решија да обезбедат пари преку краудфандинг.
– Од почетокот ја прифативме и ја поттикнувавме суровата и незаменлива енергија на девојките од целиот свет, кои придонесуваа кон нашите производи. Сакавме да изградиме нешто што е водено од заедницата, да раскажеме приказни што ќе му овозможат на секое мало девојче да се види себеси. Веруваме дека малите девојчиња со големи соништа стануваат жени со големи визии и дека тоа е најмоќниот мотор што го имаме и кој може да го промени светот. Тоа можеме да го постигнеме само ако работиме со нив на секој чекор во насока на градењето нешто заедничко и големо. Така, краудфандингот беше едноставно нешто за што не се мислевме многу и беше очигледно решение. Поддршката што ја добивме беше огромна затоа што не работевме во вакуум-период. Нашите поддржувачи беа и сè уште продолжуваат да бидат овде во секој чекор од оваа промена – објаснува Фавили.

Покрај двете продолженија на „Бунтовни девојчиња“, како најнов производ сега го имаат и „Јас сум бунтовно девојче“

Како најнов производ сега тие го имаат и „Јас сум бунтовно девојче“, еден вид дневник што им помага на девојчињата да го тренираат својот бунтовнички дух, да ги прифатат сопствените потенцијали со радост и решителност и да станат агенти на промена.
– Сакавме да создадеме алат ка што ќе им овозможи да девојчињата во себе да пронајдат карактеристики на кои се восхитуваат кај други жени, кои се опфатени во книгите. Веруваме дека го направивме тоа – вели Франческа.
– „Јас сум бунтовно девојче“ ѝ овозможува на новата генерација „бунтовнички“ да создадат соодветни акциски планови, кои ќе продолжат да го движат светот напред. Апсолутно би го направиле сето ова повторно, ако ни се даде шанса. Повратната енергија што ја добиваме од нашата публика докажува дека овие приказни мораа да бидат раскажани, дека на девој чињата им беа потребни херојки од реалниот живот – објаснува Елена.
Основачките на „Тимбукту лабс“ велат дека нивната иновативна компанија постои за да инспирира цела генерација.
– Нашиот производ константно се развива во насока на задоволување на побарувањата на нашата заедница, без разлика дали се тоа специфични игри во просторот во различни места или револуционер на книга за сите возрасти – вели Франческа.

Разговараше: Маја Раванска
Преземено од 34. издание на уличното списание „Лице в лице“.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.