Македонскиот филм „Honeyland“ во конкуренција за најдобар светски документарец на „Санденс“

 

Документарниот филм „Honeyland“ („Медена земја“) премиерно ќе биде прикажан на 38. издание на филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance), чие годинашно издание ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД. Премиерата е закажана за 28 јануари по што ќе следуваат уште седум проекции на оваа кинематографска манифестација. Документарецот е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет.

– Влегувањето на „Honeyland“ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. „Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ – истакна продуцентот Атанас Георгиев на денешната прес-конференција во Младинскиот културен центар во Скопје.

Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

– Тригодишната работа на „Honeyland“ донесе две клучни работи во мојот живот: созревање како човек и автор, и уште една голема фамилија составена од екипата со која поминавме многу неверојатни настани, како и протагонистите на филмот кои нѐ прифатија со цело срце. „Honeyland“ не е само филм кој го направивме. „Honeyland“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она кое го направивме и ќе го оставиме на светот да го види и самите сѐ уште не сме доволно свесни и тек ќе посведочиме. Но, после тригодишната максимална посветеност на целата екипа и вниманието кое го предизвика уште пред неговото завршување, на сите ни беше очекувана фестивалската кариера која му следува. Но, со премиерата на „Санденс“ во официјална селекција се оствари нашата најголема заедничка желба, токму поради тоа што овој фестивал од светски рамки поддржува независни филмови и изборот на темите со кои се занимава се пред сѐ општествено ангажирани, а не арт хаус – изјави режисерката Котевска.

„Honeyland“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.

– Филмот е повеќеслоен, го покажува животот – сам по себе. Опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба, односно користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува – во случајов пчелите. Со ова не само што им овозможува на пчелите да преживеат, туку обезбедува сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога тоа ќе ѝ биде најпотребно – открива режисерот Љубо Стефанов.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

– Идејата за „Honeyland“ се роди за време на теренските истражувања во степоликото подрачје на долниот дел на Брегалница, кој изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет. Швајцарската агенција за развој и соработка ја препозна вредноста на овој документарец и затоа ја поддржа идејата за снимање и продукција. Филмот испраќа моќна порака која очекуваме да ја подигне јавната свест за зачувување на природата, да го промовира одржливото користење на природните ресурси и да го помогне и олесни процесот на прогласување на заштитени подрачја во Македонија – истакна Марјана Шушлевска, тим-лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Снимањето на „Honeyland“ почна во 2015 година, а филмот лани ја освои наградата за „Најдобро дело во развој“ на 23. Сараевски филмски фестивал. Годинава го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

По премиерата во Парк Сити, ќе следуваат уште 4 проекции во овој град, а две се планирани и во Солт Лејк Сити. За претставувањето за време на „Санденс“ ангажиран е публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за „Honeyland“, на кој што ќе се дегустира автентичниот мед, собран од Атиџе – главниот протагонист во филмот, како и македонски вина од винаријата „Бовин“. Планирани се и работилници, интервјуа, презентации, а закажани се и две претпремиерни проекции за новинарите и за филмските критичари во Њујорк и во Лос Анџелес.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ даде поддршка на „Honeyland“ во промотивните настани.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.