Од Кенеди до „Битлсите“ – ова се новите биографии што треба да ги имате во домашната библиотека


Биографските приказни за некои од најинтерсните историски личности, од Џон Ф. Кенеди до „Битлсите“ се дел од новите изданија на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Меѓу новите мемоари што вреди да ги имате во своите домашни библиотеки се култни политичари, филмаџии, уметници, писатели и музичари: Леонард Бернштајн, Пол Гоген, Пабло Неруда и Вуди Ален. Книгите веќе се достапни на полиците на книжарниците „Литература.мк (на ул. „Македонија“ бр. 21, во City Mall (втор кат), Ramstore Mall (прв кат) и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40) , а може да се нарачаат и преку http://www.literatura.mk.

Кенедиевиот половина век

Џон Ф.Кенеди умрел пред повеќе од половина век. Сепак, заради големите ветувања и прераната смрт, неговиот лик и делото сѐ уште се актуелни. Познатиот политички научник и аналитичар Лари Џ.Сабато – кој во времето на Кенеди бил тинејџер воодушевен од тогашниот претстедател – го истражува фасцинантното и огромно влијание што Кенеди го извршил врз медиумите, јавното мнение, како и врз деветте претстедатели кои дошле по него. Анкетите на јавното мислење во САД непрестајно сугерираат дека јавноста му дава на Кенеди повисоки оценки отколку на кој било друг претстедател по него. За нив, но и за оние што сметаат дека Кенеди ни би бил толку влијателен кога не би бил жртва на атентат, оваа книга е ризница на нови перспективи. Сабато го истражува убиството повикувајќи се на досега необјавени документи. Еднакво возбудливо, Сабато уверливо покажува како Џон Ф.Кенеди влијае врз политичките одлуки во САД, но и на остатокот од светот, многу децении по неговата смрт.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Непокорниот живот на Вуди Ален – Мерион Мид

„Непокорниот живот на Вуди Ален“ е првото независно истражување на животот на еден од најславните, исклучителните и восхитувачки филмски режисери на нашата ера. До оваа книга, малку нешта од животот на Вуди Ален испливуваат на површината во јавноста. Причината е тоа што Вуди ги смета биографите за ебола, за опасни, неконтролирано заразни штетници по неговото професионално постоење. Исклучителните постигнувања на овој уметник се неспоредливи во кинематографската историја. За обожавателите, неговите филмови секогаш претставуваат тековна автобиографија, преку кои тој ја соголува пред светот својата себеомаловажувачка, преаналитичка душа.
Мерион Мид успева да стапи во контакт и да реализира интервјуа и разговори со луѓе блиски на Вуди Ален, а кои дотогаш биле недостапни за неговите биографи: маалски другари, соседи и наставници од Бруклин, колегите Бади Хакет и Мел Брукс од времето кога Ален работи како стенд ап комичар и телевизиски сценарист, актерите Морин Степлтон, Макс фон Сидов и Боб Хоуп, режисерот Сидни Полак, филмските критичари кои со децении ја следат неговата работа – Винсент Канби, Роџер Еберт, Стенли Кауфман, Ендрју Сарис и Џон Сајмон. Исто така, таа издвојува многубројни примери од неговото дело, според кои уметноста го имитира животот, особено поврзани со сагата зад бракот со посвоената ќерка на неговата долгогодишна љубов, Миа Фароу.

Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Пол Гоген: живот – Дејвид Свитмен

Сто години по заминувањето на Пол Гоген од родната Европа, Дејвид Свитмен почнува да ги истражува контрадикторностите на еден од најзначајните корпуси во историјата на уметноста. Сликите што наводно зборуваат за љубов, но чиишто корени се во мрачните длабочини на душата. Како да го проценуваме Гоген, ако воопшто може да се проценува, е предизвикот со кој се соочуваат читателите на оваа контроверзна, илустрирана биографија.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Бернини: неговиот живот и неговиот Рим – Франко Мормандо

Џан Лоренцо Бернини (1598 – 1680) е еден од последните големи универзални уметнички гении на раната модерна Италија, кого и современиците, но и наследниците, го вбројуваат во возвишената група на Леонардо, Рафаел и Микеланџело. Неговата уметничка визија е видлива и денес, низ безбројните статуи, фонтани и згради, што го трансформираа Рим во своевиден барокен театар што сè уште ги восхитува туристите. Веројатно не изненадува тоа што уметникот што го дефинира барокот имал и живот што, исто така, бил барокен. Како што открива фасцинантната биографија на Франко Мормандо, Бернини бил човек со многу страсти, експлозивен нарав и силен сексуален нагон, а неговиот живот бил еднакво драматичен како и неговите дела.
Врз основа на архивски извори, писма, дневници и – со соодветен сомнеж – хагиографски текст напишан од страна на синот на Бернини (што го претставува својот татко како пример за доблест и скромност), Мормандо нè води низ многубројните караници, љубовни афери, скандали и гревови на Бернини. Тој го раскажува гласниот живот на Бернини, имајќи го како заднина живописниот барокен Рим, буен и богат, населен со црковни луѓе и бирократи, папи и политичари, сплетки и тајни.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Признавам дека живеев: Мемоари – Пабло Неруда

„Признавам дека живеев“ е раскажување за еден возбудлив живот создаден од сите неочекувани авантури и од радоста на самото постоење. Во својата животна врвица, Пабло Неруда избира да се вклучи во критичните историски настани од неговото време и да стои исправен покрај своите другари, колеги, обесправениот народ… непокорно верен на својата идеја. Овие мемоари се сочинети од емотивни епизоди, забавни анегдоти, необични случувања, трогателни сеќавања, приказни за хероизмот и за злобата. „Признавам дека живеев“ упатува на повеќе од 400 личности кои на одреден начин го обележале 20 век и со кои Неруда воспоставил непосреден контакт.
Вештиот раскажувач Неруда живописно ги пренесува своите искуства како амбасадор на Чиле на Далечниот Исток, присуството за време на Шпанската граѓанска војна, дипломатската заложба за евакуирање на републиканците од Шпанија пред налетот на фашизмот, активното учество во културниот отпор во Европа и во Америка, прогонството, цврстите пријателства, (не)успешните бракови, моќните љубови…
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Леонард Бернштајн

Каква ли предност имав пред кој било друг конвенционален биограф! Дискретно ја скривав сопствената блискост со Леонард Бернштајн, ограничувајќи се на фусноти во стилот „Авторот бил присутен во таа пригода“, меѓутоа како негов постојан соработник, дваесет и пет години бев интимно поврзан со Бернштајн и со неговите светови.
Најмалку што можев да сторам за да му се одолжам на некој начин по неговата смрт беше да напишам негова биографија. Целта ми беше да создадам еден заокружен портрет на неговиот творечки и личен живот. Тој беше човек за кого музиката беше постојана, опсесивна нужност, сеедно дали како композитор, диригент, едукатор, пијанист или како писател. Во рубриката ,,професија” од својот пасош се опишуваше себеси со еден збор: „музичар“. Музиката навистина беше неговиот живот, но неговиот живот беше многу повеќе отколку само музика.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Битлсите“ – Хантер Дејвис

Во текот на 1967 и 1968 година, Хантер Дејвис поминува 18 месеци со „Битлсите“ додека тие се на врвот на нивната кариера, претставувајќи го бендот кој обликувал една генерација, создавајќи популарна музика. Како единствен нивен авторизиран биограф, тој имал ексклузивен пристап – не само до Џон, Пол, Џорџ и до Ринго туку и до нивните пријатели, семејството и до соработниците. Дејвис насобрал изобилство од лични, приватни материјали, кои откриваат многу за нив и кои ја сместуваат оваа книга во групата класици, која едноставно мораат да ја прочитаат и другите биографи. Останувајќи близок со бендот во текот на годините, Дејвис има пристап до информации што ги вклучува последователно во поновите изданија.
Ова издание е осовременето со нов материјал за солистичките кариери и за животните на „Битлсите“, како и со приказни за многу други луѓе кои се појавуваат во книгата. Со додаток на еден новопронајден текст на Џорџ Харисон и со мементо мори за починатите членови, ова издание го раскажува сето она што е досега познато за најголемиот рок-бенд во историјата.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.