Австриското министерство за култура го награди преводот на збирката поезија „Вербариум“ од Ханс Карл Артман, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот од германски на македонски јазик го направи Елизабета Линднер.
Ова е трет пат како австриското министерство за култура ја наградува Линднер за превод. Претходно доби признанија за преводите на „Сечење шума“ од Томас Бернхард (во 2011 г.) и за расказите „Љубовта за време на детето од Малештет“ од Клеменс Ј. Зец ( во 2016 г.).
Елизабета Линднер Костадиновска е родена 1971 во Скопје. Таа е литературен преведувач, уметница, поетеса, основач и уредник на порталот за литература на македонски и германски јазик „Словокулт“. Дипломирала германистика на УКИМ во Скопје (2001), студирала Современа германска литература и Славистика на факултетите во Дрезден (1999-2000) и Регенсбург, каде во 2005 година и магистрирала. По специјалниот курс за културен менаџмент, од 2006 година се преселила во Берлин, каде живее и работи.
„Вербариум“ е стара јазична игра во која играчите треба да оформат колку можат повеќе зборови од претходно зададени букви. Оттука произлегува и мноштвото значења што ги има оваа збирка поезија. Напишана во периодот кога Артман е дел од виенската група, „Вербариум“ се надоврзува на нивната структуралистичка употреба на форми, модели или кодови и нивното деконтекстуализирање како „реди-мејд“ во нова средина.
За Артман, формата вербариум е своевидна алузија на ботаничките хербариуми, но во јазичен контекст. Оттука, тој може да се толкува и како модел за подредување и класифицирање на нештата на ниво на јазик. Артман ги соголува зборовите од нивното значење во реален контекст и ги лоцира во вербариум, своевиден затворен сад за зборови.
Збирката се состои од седум вербариуми, односно списоци на зборови, значења, асоцијации, без граматички или какви било други правила и е повеќе производ на интуитивна или математичка постапка. Таа е список од списоци, збирката е и метавербариум, со што Артман постигнува повисоко ниво на формална игривост и мноштво од значења.
Збирката поезија „Вербариум“ од Ханс Карл Артман е достапна и во книжарниците „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ бр. 21, во City Mall (втор кат), Ramstore Mall (прв кат) и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарачка и на Literatura.mk на следниот линк.