Новата книга на Мартина Млинаревиќ Сопта наскоро на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“

Новата книга „Узур“ (Huzur)  на популарната авторка од Босна и Херцеговина, Мартина Млинаревиќ Сопта, наскоро ќе биде објавена на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Книгата на босански јазик беше промовирана кон крајот на 2018 година во Сараево. Во неа 36-годишната писателката и колумнистка открива детали за својата борба со ракот на дојката.
Млинаревиќ Сопта деновиве е актуелна во регионот појавувајќи се на насловната страница од новогодишниот број на босанското списание „Грација“, покажувајќи ја својата разголена града – оперирана од рак. Со овој храбар потег авторката покажа како изгледа жена оперирана од рак на дојка. Воедно, „Грација“ ја именува Сопта за личност на годината бидејќи по операцијата на левата града, таа реши јавно да прозбори за соочувањето со тешката болест. Со ова испрати силна порака до жените и девојките на Балканот, посочувајќи колку е важно да се вршат редовни прегледи бидејќи болеста е непредвидлива, а од животно значење е да се открие и да се лекува во раните стадиуми.


Мартина по објавувањето на насловната страница се огласи на својот профил на „Фејсбук“, велејќи: „Оваа насловна страница е ваква затоа што на секој чекор сме бомбардирани со совршенство без маана, затоа што живееме во фотошопирани животи, затоа што децата ни растат во извртен систем на вредности каде што градите и задниците на старлетите и турбофолкерките се главна тема, живееме во помрачена Кардашијанизација на умот, прочистени низ 10 инстаграм-филтери. Гледам како мајките објавуваат фотографии од нивните деца на кои им ги зголемуваат усните и очите, ставаат маскари со филтри и им ја менуваат бојата на зениците, гледам мајки кои подоцна тоа го финансираат и им плаќаат вистински операции на децата, кои растат без никаква самодоверба, уверени дека се некои други, неспособни да се прифатат такви какви што се, во свет каков што од нив бара да станат. И затоа се нафатив. И тоа токму за новогодишниот број во кој се сумираат најголемите успеси во блескави фустани. Преживеав и тоа е мојот најголем успех. Славиме будалштини, а луѓето, непознати херои секој ден ги преживуваат своите најтешки битки. Без маски и филтри, нормално. Затоа оваа фотографија и оваа насловна страница. Отворено до срцевината. Прегледувај се за утре да не бидеш ти! Не купувај чанта, закажи преглед! Насловната страница е и поради нашето лицемерие и табуата, фактот дека карциномот сè уште го нарекуваме ’она најлошото‘, дека за заболените веднаш бараме гробно место и ги пречкртуваме, ги ставаме на маргините, за неупатеноста и необразованоста на нашите луѓе кога се во прашање овие болести, за разбивање на предрасудите. Насловна страница со рез и лузна, бидејќи сум си убава вака, без силикони. Карциномот ништо не ми зеде, иако физички се чини токму спротивното. Напротив, само ме надополни. Претходно бев тврдоглав морон. Сега сум силна како бетон, тврдоглав морон“.

Книгата на босански јазик беше промовирана кон крајот на 2018 година во БКЦ Сараево

Узур (тур. huzur) претставува мир во сите димензии на човечкиот живот. Huzurlu insan е исполнет човек, спокоен, емотивно и телесно здрав. Оној кој сфатил дека материјалното не е одредница на вредности, кој проникнал во срцевината на духовноста, се засакал себеси, своето внатрешно јас и создал апсолутна рамнотежа во својот микросвет. Узур како рамнотежа на душата, чувствата, баланс на желбите, фантазијата и реалноста. Узур како исконска и единствена среќа, бидејќи човекот може да биде мирен иако не е среќен, но не може да биде среќен ако не е мирен.
Huzur („Узур“) е петта книга на Млинаревиќ Сопта по Firentinske suze, Otok u prosincu, Neprocjenjivo и Ljetos i drugi ledovi. Позната е по своите критички колумни во бројни регионални медиуми како „Поскок инфо“ (Poskok info), „Индекс“ (Index.hr ) и „Бука“ (Buka).

Извори: Index.hr  Analiziraj.ba

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.