Истакнатиот македонски новинар, колумнист, писател и преведувач, Ѕвездан Георгиевски, во ова издание на емисијата „Астрорум“ зборува за постојаната борба за унапредување и промоција на културните вредности во нашата земја.
Роден е во 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Интердисциплинарни студии по новинарство завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1983 година, а како новинар и уредник работел во повеќе дневни и неделни весници. Toj e eден од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“. По згаснувањето на „Утрински весник“, каде што беше повеќегодишен уредник на културната редакција, со неколкумина колеги ‒ искусни новинари и уредници во весникот (Бранко Тричковски, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Љупчо Поповски и Катерина Богоева) ја формираа Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Претседател на Управниот одбор на фондацијата е ќерката на писателот Славко Јаневски, Јана Јаневска Терзиоска.
Фондацијата, основана минатата година, делува на неколку пунктови, а едни од главните се продолжување на традицијата за доделување на наградата „Роман на годината“ и негување на творештвото на Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“. Романот објавен во 1952 година, се смета за прво издание од овој литературен жанр објавено на современ македонски јазик и на современ македонски правопис. Преработената верзија на романот е објавена во 1965 год. под насловот „Стебла“ и заедно со првичното издание се практично непознати за македонската научна, но и поширока јавност.
Оттука, Фондацијата „Славко Јаневски“, со поддршка од Министерството за култура на Р. Македонија и од „Арс Ламина – публикации“, неодамна публикуваше уникатно издание, кое ги содржи двете верзии на романот. Капиталното дело „Село зад седумте јасени/Стебла“ ќе може да се најде во продажните места на „Литература.мк“ и во Скопје и во Битола.