Најчитаните книги во 2018 година

Од ѕвезденото дете, до приказните за бунтовните девојчиња како ѕвезди-водилки за децата. Од Скопје, преку Сараево, па сѐ до Монмартр во Париз. Од интерактивниот графички роман ТКЦП за новите генерации, до класични, безвременски романи како „Гордост и предрасуда“… Во 2018 година книгите нѐ однесоа на волшебни „патувања“ во светот на најмладите, разоткривме нови светови и мистерии и нурнавме во тајните на креативниот ум…Изминатата година ни донесе многу нови интересни наслови, весели промоции, настани и дружби, нови верни читатели и чувари на книгата од сите генерации.
Подолу ги издвојуваме најчитаните книги за 2018 година од светот на белетристиката и на детската литература во издание на „Арс Ламина – публикации“. Тие се достапни за нарачка онлајн на literaturа.mk, како и во книжарниците „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ бр. 21, во City Mall (втор кат), Ramstore Mall (прв кат) и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

 1.„Исидора Мун“ – Хариет Мункастер

Исидора Мун е посебна бидејќи е поинаква. Мајка ѝ е самовила, а татко ѝ е вампир, а таа е по малку од двете. На полиците на „Литература.мк“ неодамна е достапна петта книга за Исидора Мун објавена на македонски јазик: „Исидора Мун прави зимска магија“.
Исидора обожава да си игра на снег, особено кога нејзините снежни фигури оживуваат! Но, снежната магија не може да трае засекогаш. Ќе успее ли Исидора да ги спаси своите нови другарчиња пред да се стопат? Книгата е дополнета со забавни активности и работи што можете да ги направите заедно со Исидора и Розовото зајаче. Серијалот за Исидора Мун ги содржи и приказните кога таа: оди на балет, на училиште, на кампување и слави роденден.
Книгите се достапни за нарачка на literaturа.mk на следниот линк.

2.„Ѕвездено дете“ – Ване Костуранов

Сликовницата „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов беше промовирана во април 2018 година во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, а беше претставена и во рамките на 30. издание на Саемот на книгата во Скопје. Сликовницата ја доби наградата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за најдобро ликовно-графички уредено издание на Саемот на книгата 2018. Во октомври книгата беше претставена и на Фестивалот на детски сликовници „Чигра“ во Пожега. Приказната во „Ѕвездено дете“ се раскажува околу Ѕвездан – дете кое живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата да не падне некоја ѕвезда, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие, што понатаму ќе го доведе до нешто сосема, сосема неочекувано… „Ѕвездено дете“ е нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта.
Книгата е достапна во книжарниците на „Литература.мк“, а може да ја нарачате и на следниот линк.

 3.„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“

„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало е книга за деца и возрасни во која се вклучени сто приказни за добра ноќ, за животот на сто неверојатни жени од минатото и од сегашноста, илустрирани од 60 женски уметници од целиот свет. Оваа книга ги инспирира девојчињата со приказни за големи и силни жени, од Елизабета Прва до Серена Вилијамс. Ова не се приказни за нежните принцези кои чекаат да дојде принцот и да ги спаси, туку се приказни за вистински жени од минатото и од сегашноста кои постигнале неверојатни резултати, без разлика на околностите. Бунтовни девојки чиишто дејства го смениле текот на историјата. Сликарки, научнички, танчарки, врвни готвачки, астронаутки, џез-пејачки, фараонки, боксерки, писателки, политички водачи… од сите краишта на планетата! Ова е збирка од приказни што ќе ги инспирираат девојчињата (и нивните мајки, тетки, братучетки…) да бидат самоуверени, да сонуваат за големи нешта и да се развиваат во силни, цврсти, успешни личности. Неодамна, во светски рамки излезе вториот дел од книгата. Книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ на македонски јазик, во издание на „Арс Ламина“, официјално беше промовирана во мај 2018 година, во рамките на фестивалот „Прво па женско“, а беше претставена и на 30. издание на Саемот на книгата.
Книгата може да се нарача на страницата literatura.mk на следниот линк.

4.„ТКЦП: Канџа во мракот“ – Билјана Црвенковска и Здравко Гиров

Романот „Канџа во мракот“ од писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров е прв од новиот серијал за најмладите – ТКЦП. Изданието, што доби две награди за најдобар роман за деца и млади во 2018 година, е книжевен спој помеѓу роман и графички роман, што е интерактивен затоа што „бара“ и учество на детето со боење, доцртување, дополнување и допишување. ТКЦП, што е кратенка за „Тајниот клуб: Црно прасе“ е нов забавен серијал за деца, што ќе вбројува илустрирани изданија, романи и книги со активности. Приказната се движи околу Лео и неговата дружина со херои ТКЦП. Тие се борат против своите најголеми непријатели – Смрдливците… Во првата книга од серијалот именувана како „Канџа во мракот“ се појавува таинствен „смрдливец“ во сенка. Во разрешување на мистеријата можат да се вклучат самите читатели со добојување, доцртување, допишување и дополнување на авантурата додека читаат. Подгответе се за многу возбуда, акција и смеење. Покрај Лео, во дружината членуваат и Рокси, Ава, Симон, Тина и Тони. Тие се деца-суперхерои, кои, покрај тоа што имаат одредени супермоќи, сите имаат и по некој проблем или недостаток што им попречува да вршат нешто во секојдневниот живот.
Книгата „ТКЦП: Канџа во мракот“ е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

5.Кралот на златната река“ – Џон Раскин

„Кралот на Златната река“ е приказна за младиот Глук, своеглаво момче со двајца ужасни браќа кои постојано го малтретираат. Еден ден, Глук и браќата тргнуваат да го бараат изворот на Златната река. Кога ќе го најдат, се сретнуваат со кралот на Златната река, кој им покажува како да ја претворат Златната река во вистинско злато.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

6.„Гордост и предрасуда“ – Џејн Остин

Приказната го следи животот на главниот карактер Елизабет Бенет, која се соочува со прашањето на манирите, воспитанието, моралот, етиката, образованието и бракот во англиското општество на крајот на 19 век. „Гордост и предрасуда“ е сè уште интересна за модерните читатели и се наоѓа на врвот на листите за најчитани книги.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

7.„Анаис од Монмартр“ – Јана Мишо

Со куфер во едната рака и транспортер за мачки во другата, Анаис Мишел доаѓа во Париз со амбиција да ја пронајде личноста што еднаш ја напушти – себеси. Но, нештата не се такви какви што ги остави некогаш. Нова маќеа, заборавен пријател и нескротлив страв од тоа „што ако не постои професија што може да ме направи среќна“, водат до серија неочекувани настани, вино, кафе и комплициран однос со еден… дечко. Сериозно, колку може да е тешко да се пронајдеш во град како Париз? Би се изненадиле.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

8.„Сестрата“ – Луиз Џенсен

По смртта на најдобрата пријателка Чарли, Грејс веќе не е иста. Ја прогонуваат последните зборови на Чарли, и во потрагата по одговори, отвора една нејзина кутија со спомени. Наскоро, открива дека има многу нешта што не ги знае за нејзината најдобра пријателка. Се појавуваат нови личности, нови приказни, нови верзии на настаните, и веќе ништо не е како порано. Сите се однесуваат чудно, некој како да ја следи, и Грејс веќе не знае што е вистина, а што фантазија. Колку што доаѓа поблиску до тоа да ја открие вистината, Грејс е во сѐ поголема опасност. Дали Грејс можеше да ја спаси Чарли? Или не? Возбудлив психолошки трилер со неочекуван пресврт, „Сестрата“ на Луиз Џенсен е добитник на одлични критики и е продаден во илјадници примероци.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

9.„Сè што чуваме“ – Кери Лонсдејл

Ејми Тирни го има вистинскиот рецепт за совршен живот: да се омажи за нејзината прва љубов од детските денови, да основаат семејство и да го откупи ресторанот на родителите. Но, кога нејзиниот свршеник, Џејмс Донато, ненадејно исчезнува во бродска несреќа, нејзината визија за светла иднина исчезнува заедно со него во морето. Наместо да чекорат кон олтарот на нивниот свечен ден, Ејми се наоѓа на неговиот погреб – настан што ја остава крајно вознемирена. Во обидот да си го обнови сопствениот живот, Ејми сè подлабоко се впушта во разоткривање на случката со исчезнувањето на Џејмс. Открива море од тајни што ја тера да се сомнева во сè што граделе заедно. Токму под површината се наоѓа вистината што може да ја ослободи Ејми… или да ја уништи засекогаш.
„Сè што чуваме“ е дебитантски роман на Кери Лонсдејл и прв од трилогијата „Сè“. Во него се обработуваат темите на очајот од загубата, еуфоријата од новото вљубување и нештата што го забрзуваат пулсот при налетот на вистината за драгите личности и на што сè се подготвени тие за да нè заштитат.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк

10. „Фајронт во Сараево“ – д-р Неле Карајлиќ

„Фајронт во Сараево“ раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац и, патувајќи кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград, суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“. Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот.
Изминативе неколку години Карајлиќ во неколку наврати беше гостин во „Литература.мк“, промовирајќи ја својата биографска книга „Фајронт во Сараево“, чиј издавач на македонски јазик е „Арс Ламина – публикации“. Основачот на правецот „нов примитивизам“, при крајот на 2018 година му се наврати на Скопје, како специјален гостин на 20. издание на фестивалот „Таксират“. Тој одржа и дружба со своите фанови во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

11.„Упатство за употреба на креативниот ум“ – Дејв Бирс

Светски популарната книга „Упатство за употреба на креативниот ум” од Дејв Бирс на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ беше промовирана во ноември 2018 г. во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.
Креативноста е обвиена со толку голема мистика. На старите Грци тоа им било толку магично, што моментот на инспирација го препишале на музите, наместо на луѓето. Оваа книга ја открива креативноста како процес. Покажува дека пред да бидете погодени од молњата на креативниот гениј, треба да следите неколку чекори. Ви покажува како да ги подготвите вашите мисли за да дојдете до идеи. Исто така, таа ви нуди и одредени техники како помош при различните пристапи кон проблемите.
Дејв Бирс е поранешен креативен директор во адвертајзинг. Сега го води „Адитив“ (Additive), бизнис чија цел е да го инспирира и поттикне маркетинг светот. Тој, исто така, е и домаќин на подкастот „Фјучр оф адвертајзинг“ (Future of Advertising), држи говори на настани ширум светот, работи како ментор во „Скул оф комуникeјшн артс“ (School of Communication Arts) и „го дава својот мозок под наем“ на компании што сакаат свежи идеи. Подготвува и други книги.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.