Во ова издание на емисијата „Астрорум“ гостува вечното девојче од приказните и животот, Билјана Црвенковска. Со неа, за миг ќе избегате од светот на возрасните во светот на децата и тоа на метлатата на Супервештерката или на санката на Дедо Мраз.
Билјана Црвенковска е писателка, сценарист, уредник и преведувач. Магистер е по филозофски науки, а има работено и во маркетинг агенции, медуми, издаваштво…
Родена е во Скопје, на 23 мај 1973 година, точно во 8 часот и 25 минути. Близнак со подзнак лав и месечина во водолија, што би значело: голем емотивец кој постојано тежнее кон промени, со многу големи амбиции да постигне нешто во животот.
Себеси се дефинира на следниов начин: сонувачка/мечтателка, писателка, планинарка, велосипедистка, вљубеничка во природата, мачкарка, вечно дете… патува и кога седи на едно место; многу често сонува со отворени очи; сонува луцидни соништа на кои им го менува крајот кога не и се допаѓа; верува во чуда.
Би сакала да пишува како Нил Гејман и Кејт ДиКамило, а сонува еден ден да напише дело од жанрот епска фантастика, барем во три тома, а можеби и повеќе. Илјадници страници полни возбуда, магија, живот и смрт, љубов и предавство, лага и вистина…
Има напишано неколку романи за деца: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „ТКЦП: Канџа во мракот“, а со нетрпение очекува да излезе нејзината прва графичка новела, работена заедно со илустраторката Ана Петрова – „Девојчето кое танцуваше со пролетта“. Последиве години, Билјана Црвенковска работи како уредник за литература за деца во издавачката куќа „Арс Ламина“.