
Марина Костова ја доби наградата за работата на монографија за режисерот Милчо Манчевски (лево)
Марина Костова, долгогодишната филмска критичарка и заменик-главна уредничка на САКАМДАКАЖАМ.МК, е добитничка на највисокото државно признание „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, за остварувања во областа на публицистиката. Таа ја добива наградата за повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект – монографијата „Манчевски“, која е посветена на творештвото на режисерот и уметник Милчо Манчевски. Книгата беше објавена во 2015 година од издавачката куќа „Арс ламина- публикации“. Истата година доби и награда за оригинално издание на Саемот на книгата.

Монографијата „Манчевски“ е во издание на „Арс Ламина“
Монографијата „Манчевски“ на 650 страници нуди сеопфатно резиме на кариерата на уметникот. Содржи десет есеи за разновидни аспекти на неговото творештво од светски реномирани филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност; содржи и голема збирка продукциски белешки, сториборди, писма, рецензии и интервјуа, како и теориски размислувања и проза на самиот Манчевски.
Покрај Костова, годинашен добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ е и Емин Аземи од весникот „Коха“. Тој добива признание за остварувања во областа на новинарството. Наградите ќе бидат врачени на 21 декември во Собранието на Република Македонија.