Во чест на 101-годишнината од својата независност, Финска отвори нова, импозантна библиотека во главниот град Хелсинки. Огромната и најсовремената јавна библиотека наречена „Ооди“ (Oodi) вредела 98 милиони евра. Станува збор за огромна зграда од дрво и стакло дизајнирана од финската фирма „АЛА архитектс“. Таа е сместена на видно место во центарот на градот, спроти парламентот.
На полиците на библиотеката има над 100.000 книги. Во објектот има и студија за музичка и видеопродукција, кино и работилници со 3Д-печатачи и ласерски режачи, кои ќе бидат бесплатни за посетителите. Интересно е што во неа ќе има роботи-библиотекари, кои преку мали вагони ќе ја земаат вратената книга и ќе ја однесат до соодветната полица, каде што библиотекар ќе ја врати на нејзиното место. Библиотеката дневно очекува околу 10.000 посетители.
Библиотеката ќе биде место за стекнување знаење, учење и за еднаквост во Финска, која во 2016 година беше рангирана како најписмена земја во светот. Според официјалната статистика, во земјата со 5,5 милиони жители, годишно се позајмуваат 68 милиони книги.
„Ооди“ му дава ново, модерно значење на поимот библиотека. Таа e куќа на литературата, но исто така и куќа на технологијата, музиката, филмот и на Европската унија.
Извор: Straitstimes.com
…се добро, се добро, ама малку сум скептик ова со роботите.