Во ова издание на „Астрорум“ гостува познатиот историчар на уметноста и естетичар Небојша Вилиќ.
Вилиќ (1962, Велес) e редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговиот професионален интерес се движи од уметничката критика, преку теоријата на уметноста па сè до толкувањата на дигиталните уметности, субалетерната позиција на културите од Третиот свет и односот на уметноста и граѓанинот. Автор е на преку 170 текста, 16 книги и приредувач на уште 9. Курирал преку 50 изложби во Македонија и во странство и учествувал на преку 30 меѓународни и домашни конференции и симпозиуми.
Тековното истражување под наслов „Политичка уметност“ се однесува на позицијата на „уметноста со релација“ со/за/во името на социеталната и граѓанската заедница. Во неговото значајно дело „Anamorphosis. Готовиот предмет во уметноста на 20 век“ тој пишува: „Епистемолошкиот карактер на историската свест покажува една можна опција, но таа не може да биде прифатена и како единствена. Тоа е заклучокот на мислителот во постмодерното доба.“