„Од длабочините на заборавот“ – Патрик Модијано

Патрик Модијано, добитникот на Нобеловата награда за литература, е автор на повеќе од триесет книги и еден од најценетите француски современи романописци. „Од длабочините на заборавот“ е игрива, мајсторски сплетена приказна за една љубовна афера помеѓу двајца талкачи.
Нараторот, кој ја пишува оваа приказна во 1995 година, се осврнува триесет години наназад на времето кога ги напуштил студиите и, продавајќи стари книги за уметноста за да преживее, ги запознал Жерар и Жаклин, млад, мистериозен пар кој живее, како што изгледа, од добивки на рулет.
Тој се вљубува во Жаклин. Заедно бегаат во Англија, каде што заедно минуваат неколку тажни, бесцелни месеци, сè додека таа не исчезне еден ден. Петнаесет години подоцна, во Париз, се сретнуваат повторно, средба што само го враќа горчливиот вкус на минатото: минуваат неколку часови заедно, а следниот ден, Жаклин, сега мажена жена, повторно исчезнува.
Речиси петнаесет години потоа, повторно ја здогледува, овој пат од далечина, и избира да не се сретне со неа. Длабок роман што трогнува. Од најдлабокиот заборав е потресен, чуден, деликатен, меланхоличен и истовремено тажен и смешен.

Во продолжение ви претставуваме извадок од романот „Од длабочините на заборавот“:

Таа беше средно висока, а тој, Жерар ван Бевер, малку понизок. Вечерта, на нашата прва средба, таа зима пред триесет години, ги бев испратил до еден хотел на кејот Турнел и се бев нашол во нивната соба. Два кревета, едниот до вратата, другиот под прозорецот. Собата немаше поглед на кејот и ми се чини дека беше мансарда.
Не забележав никакво безредие во собата. Креветите беа наместени. Немаше куфери. Немаше алишта. Само еден голем будилник, на една од ноќните масички. Но, и покрај будилникот, се чинеше како да живеат тука скришно, избегнувајќи да остават траги за своето присуство. Впрочем, таа прва вечер, бевме останале само еден миг во собата, само колку во неа да ги оставиме уметничките дела што веќе бев уморен да ги носам и што не бев успеал да ги продадам кај еден книжар од плоштадот Сен-Мишел.
И токму на плоштадот Сен-Мишел тие ми беа пристапиле на крајот од едно попладне, среде толпата луѓе што се туркаа за да влезат во метрото и оние кои, во спротивна насока, го искачуваа булеварот. Ме беа прашале каде би можеле да најдат пошта во близина. Се плашев моите објаснувања да не бидат премногу нејасни зашто никогаш не сум знаел да го објаснам најкусиот пат од една точка до друга. Затоа повеќе сакав да ги одведам самиот до поштата на Одеон. Патем, таа беше застанала во едно кафуле-бутка и беше купила три марки. Ги беше залепила на пликот, така што имав време да го прочитам напишаното на него: Мајорка.
Таа го беше ставила писмото во едно од сандачињата без да провери дали токму на него пишуваше: Странство – Авион. Повторно се бевме вратиле назад кон плоштадот Сен-Мишел и кејовите. Се беше загрижила дека ги носам книгите, зашто „сигурно беа тешки“. Потоа му беше кажала отсечно на Жерар ван Бевер:
– Би можел да му помогнеш.
Тој ми се беше насмеал и беше земал една од книгите – најголемата – под мишка.

Во нивната соба, на кејот Турнел, ги бев ставил книгите до ногалките на ноќната масичка, онаа на која стоеше будилникот. Не го слушав неговото чукање. Стрелките покажуваа три часот. Дамка на перницата. Додека се наведнував за да ги оставам книгите, бев почувствувал мирис на етер кој лебдеше над перницата и над креветот. Нејзината рака ме беше допрела и ја беше запалила ламбата на ноќната масичка.
Бевме вечерале во едно кафуле, на кејот, до нивниот хотел. Го бевме нарачале само главното јадење од менито. Ван Бевер ја беше платил сметката. Немав пари, таа вечер, а Ван Бевер мислеше дека му недостасуваат пет франци. Побара во џебовите од палтото како и од сакото и конечно успеа да го собере износот во ситни пари. Таа го оставаше да се занимава со тоа и го гледаше расеано пушејќи цигара. Ни го беше дала својот оброк да си го поделиме и беше земала само неколку залаци од чинијата на Ван Бевер. Се беше свртила кон мене и ми беше кажала со својот малку зарипнат глас:
– Следниот пат, ќе одиме во вистински ресторан…
Подоцна, бевме останале обајцата пред вратата од хотелот, додека Ван Бевер отиде да ги земе моите книги од собата. Го бев прекинал молчењето прашувајќи ја дали живеат тука одамна и дали беа дојдени од внатрешноста или од туѓина. Не, тие потекнуваа од околината на Париз. Тука живееја веќе два месеца. Тоа беше сè што ми беше кажала, таа вечер. И своето име: Жаклин.
Ван Бевер ни се беше придружил и ми ги беше вратил книгите. Сакаше да знае дали ќе се обидам да ги продадам утредента, и дали таквата трговија е доходна. Ми беа кажале дека би можеле повторно да се видиме. Тешко можеа да ми закажат средба во одредено време, но често одеа во едно кафуле, на аголот од улицата Данте.
Понекогаш се враќам таму насон. Пред некоја вечер, февруарското зајдисонце ме заслепуваше, по улицата Данте. Не се беше променила за сето ова време.
Застанав пред застаклената тераса, и го погледнав шанкот, електричниот билјард и неколкуте маси распоредени како покрај подиум за танцување.
Кога пристигнав на средината од улицата, големата зграда, отспротива, на булеварот Сен-Жермен, ја фрлаше својата сенка врз неа. Но, зад мене, тротоарот беше сè уште осветлен од сонцето.
Кога се разбудив, периодот од мојот живот во кој ја бев запознал Жаклин ми излезе пред очи во истиот контраст од сенка и светлина. Сивкави, зимски улици, и сонцето исто така кое се пробива низ процепите од ролетните.“

Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.