Легендата на популарната екс-ју група „Забрането пушење“ и на култната ТВ-серија „Топ-листа надреалиста“, д-р Неле Карајлиќ, секогаш со задоволство доаѓа во Скопје. Изминативе неколку години во неколку наврати беше гостин на „Литература.мк“, промовирајќи ја својата, биографска книга „Фајронт во Сараево“, чиј издавач на македонски јазик е „Арс Ламина – публикации“. Основачот на правецот „нов примитивизам“, деновиве му се наврати на Скопје, како специјален гостин на 20. издание на фестивалот „Таксират“. Ден пред концертот тој одржа дружба со своите фанови во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. На настанот поразговаравме за бестселерот „Фајронт во Сараево“, како и за новата книга „Солунска 28“.
*Она што Вашата автобиографска книга ја прави малку нетипична, е присутвото на два надреални ликови – Судбината и архангелот Азраел. Доколку тие се денес овде со нас и Ви овозможат преку таен портал да се вратите во минатото, кој период од својот живот би го избрале? Детството во Кошево, периодот на формирањето на „Забрането пушење“, ерата на „Надреалистите“ или некое Сараево од иднината, онакво какво што Вие посакувате да биде?
– Јас најмногу би сакал да го повторам животот, на идентичен начин. Од почеток до крај да го проживеам истиот филм. Во новата книга („Солунска 28“) пишувам токму за тој феномен, некој да се врати во минатото и да си го одбере својот најубав филм и никогаш да не излезе од него. Што се однесува до мене, јас би сакал што е можно побрзо да избегам од 2018 година, бидејќи оваа година ги изгубив и мајка ми и брат ми, па сакам што побрзо да ја заборавам. Со задоволство би се вратил во годините за кои пишувам во „Фајронт во Сараево“, но најмногу би сакал крајот да е малку поинаков. Да не заминев од градот, да немаше војна, сите да продолжевме да живееме во една голема и среќна земја и, на крајот на краиштата, името на книгата да не биде „Фајронт во Сараево“, туку „Добар ден и добре дојдовте во Сараево“. Но, за жал, историјата е многу покомплексна работа од моите желби. Она што е специфично, кога веќе ги споменавте двете метафизички личности Азраел и Судбината, е што јас работејќи на сите мои проекти, постојано размислувам која е врската помеѓу овоземското и оноземското, но не во контекст како јас да сум некој монах, метафизичар или дервиш, туку низ призма на хуморот. Како би изгледало тоа кога некој кој треба да умре, а не умира? Тогаш сфатив дека мора да постои некоја администрација одозгора која диктира зошто Неле останал жив, а брат му не. И тогаш ги искреирав овие две личности – г-ѓата Судбина, која го бранеше мојот случај и не добива доволно документи според протоколот да заминам на оној свет. За разлика од неа, Азраел е една корумпирана личност, архангел кој ги носи душите на мртвите на небото (го претставив како панкер). Судбината е сериозна, со неа нема зафрканција, својата работа ја работи стриктно. Во суштината, цела приказна во „Фајронт во Сараево“ е моја исповед пред нив двајца. Втората причина зошто ги уфрлив е што кога почнав да ја пишувам автобиографијата, ми беше многу сувопарно да почнам во стилот: „Роден сум како многу малечок“. Тие двајца ми помогнаа да направам една возбудилва ситуација во потенцијално крајната точка во мојот живот од која преку нив се враќам на самиот свој почеток и почнувам ретроспективно да раскажувам каде живеев, каква земја беше тоа, каков бил градот… Затоа ги повикав, се појавија на вистинско место, во вистинско време.
*Авторите на автобиографии и биографии вообичаено немаат некои големи литерарни претензии, но она што Вам ви успеа во „Фајронт во Сараево“ е, свесно или не, прилично вешто да искористите познати наративни техники и тоа во филмски манир. Си поигрувате со просторот и времето, реалноста и фикцијата. Впечатокот на читателот дека во оваа книга лежат најмалку пет филмски сценарија. Која од епизодите од вашиот живот и кариера би ги екранизирале?
– Многу луѓе ме прашале дали „Фајронт во Сарево“ би бил добра подлошка за филм. Секако, сѐ може да се екранизира, секое дело е подложно на тоа визуелно гледање на работите. Но, тоа би требало да го направи некој друг, бидејќи јас би бил премногу субјективен. Според мене, најпогодно да се прикаже е најоригиналното Сараево од седумдесеттите и осумдесеттите години, кое беше еден вид хумус од кој произлезе она што го нарековме нов примитивизам и целата таа интеракција на една екипа момчиња кои на најдрзок можен начин направија нешто што функционира и ден-денес. Таа енергија што ние ја имавме тогаш, токму таа е најинтересна. Што се однесува до филмот, мојата втора книга е многу попогодна за адаптација, пофилмична е, приказната е како создадена за сериозно сценарио.
*Она што може да се забалежи при читањето на Вашата книга е дека ретко пишувате во „јас форма“, отсуствуваат подлабоки интроспекции, Вашата лична перцепција на луѓето, местата, настаните, повеќе сте во улога на хроничар на едно време. Дали е тоа поради Вашите несигурност и избегнување одговорност, кои Ви се иманетни и често ги потенцирате во книгата, или…?
– И едното и другото. Ќе бидам директен. Голема среќа е што ја напишав „Фајронт во Сараево“ со 20 години дистанца. Да ја напишев во 1995 или 1996, би била книга полна со горчина и пикантерии. Ова е многу поубаво, токму оваа дистанца ми даде простор да ги разберам луѓето кои ме навредија, а претпоставувам дека и тие ме разбираат мене. Сакав да напишам книга во која нема негативни личности, освен војната. Останатото е сѐ какво што навистина било и како луѓето гледаат на себеси. Од друга страна, се обидов да направам што појасна социо-психолошка слика на тоа време. „Фајронт во Сараево“ доби бројни награди, а најголемата е поканата да одржам предавање пред студентите по историја на Филозофскиот факултет на тема од мојата книга. Професорката Мира, која го организираше сето тоа, ја воведе мојата книга во задолжителна литература за историјата на Југославија во втората половина на 20. век.
*Пред неколку месеци во Србија од печат излезе вашата нова книга „Солунска 28“ – еден вид омаж на 19. век. Овој пат дејството се случува во Белград. Колку е тежок предизвикот да напишете роман во вистинската смисла на зборот?
– Би почнал од почеток: како се случи оваа книга. Во 1992 година дојдов во Белград со сопругата и со мало бебе и барав стан под наем, бидејќи мислев дека војната ќе трае долго. Ми се јави една роднина и ми рече: зошто бараш стан, ти имаш куќа во Белград?! Не можев да верувам. Се сретнавме и отидовме во таа куќа на улицата „Солунска“ број 28 на која сум сопственик на 1/12, бидејќи таа куќа ја направил мојот прадедо пред повеќе од 100 години. Застанав покрај неа и се заколнав: Јас, мацо, за тебе ќе напишам книга! Таа книга ја напишав 26 години подоцна, отидов пред куќата и реков: – Ева ја, ова е приказна за тебе! Единствената вистинита работа во книгата е дека тоа семејство се презива Јанковиќ, исто како и јас и прадедо ми. Останатите настани и личности се измислени, но не значи дека не се случиле. Мојата прва идеја беше да опишам 100 години од една куќа, да опфатам три генерации кои живееле во неа, бидејќи она што го преживеале таа куќа и луѓето во неа, е рамно на светски рекорд: бомбардирања, земјотреси, пожари, зарази, промена на држави. На крајот, на издавачот му донесов материјал од 700 страници. Издавачот ми рече: не се будали, нема шанси луѓето да читаат 700 страници, подели ја на три дела. Ова е всушност првиот дел. Почнува кон крајот на 19. век и завршува со крајот на Првата светска војна. Она што беше најтешко да се направи е да се смисли потполно нова приказна во која Неле не е веќе Неле и мора да искреира ликови и дејство, а притоа да влезe што е можно подлабоко во душата на човекот, во неговата социо-психолошка структура, особено на човекот кој живее во Белград. Најтешко ми беше како на читателите да им понудам нешто после „Фајронт во Сараево“ која постигна извонреден успех, а притоа да го нема внатре Неле. Сепак, реакциите на публиката се изненадувачки добри, веќе излезе и петтото издание и едвај чекам да ја продолжам таа приказна. Исто како и во „Фајронт“, се испреплетуваат надреалното и реалното, со тоа што многу се трудев да има јасен историски концепт, дури има некои ликови кои навистина се историски личности.
Разговараше: Татјана Димовска – Атанасова
Пингување: Неле Карајлиќ ‒ добитник на наградата „Момо Капор“ за новиот роман „Солунска 28“ | Literatura.mk