Извадок од „Океј сме“ од Нина Лакур

Надвор е месечината, контурите на дрвјата, зградите на универзитетскиот комплекс, светилките што ја обележуваат патеката. Сега сето ова е мој дом и ќе остане мој дом и откако ќе си замине Мабел. Го впивам спокојството од тоа, острата вистина од него. Очите ме печат и грлото ме стега. Кога само би имала нешто што би можело да ми ја намали осаменоста. Кога само зборот осаменост би бил попрецизен. Треба да звучи многу помалку убаво. Сепак, подобро да се соочам со ова сега за да не ме фати на препад подоцна, да не се парализирам и да не се чувствувам немоќна да си дојдам на себе.

Вдишувам. Издишувам. Ги држам очите отворени и гледам во овие нови дрвја.

Знам каде сум и што значи да се биде тука. Знам дека Мабел доаѓа утре, без оглед на тоа дали сакам или не. Знам дека секогаш сум сама, дури и кога сум опкружена со луѓе, па ја оставам празнината да навлезе во мене.

Небото има најтемна сина нијанса, секоја од ѕвездите е јасна и сјајна. Дланките ми се топли врз нозете. Постојат многу начини да се биде сам. Тоа е нешто што знам дека е вистина. Вдишувам (ѕвезди и небо). Издишувам (снег и дрвја).

Постојат многу начини да се биде сам, минатиот пат не беше вака.

 

Утрото е поинаку.

Спиев речиси до десет часот кога го слушнав камионетот на домарот како го расчистува снегот од патеката под мојата соба. Се истуширав и се облеков. Прозорецот ја пропушта дневната светлина. Избирам плејлиста и ги вклучувам звучниците на Хана во мојот компјутер. Набрзо собата ја исполнува звук на акустична гитара, проследен со женски глас. Со електричниот бокал во раката ја отворам вратата и тргнувам кон мијалникот во бањата. Песната ме следи насекаде. Вратата од бањата ја оставам отворена. Сè додека сум единствен станар тука, треба да направам овој простор малку повеќе да го чувствувам како свој.

Електричниот бокал се полни со вода. Додека чекам, си го гледам одразот во огледалото. Се обидувам да се насмевнам така како што треба да се насмевнам кога ќе пристигне Мабел. Насмевка што открива „добредојде“ исто толку колку и жалење. Насмевка што крие значење, насмевка што кажува сè што треба да ù кажам за да не морам да ги составувам вистинските зборови. Ја затворам чешмата.

Се враќам во собата, го вклучувам електричниот бокал и го земам мојот жолт сад каде што го оставив минатата ноќ, свртен наопаку за да се исуши. Го полнам со жита и со остатокот од млекото од малиот фрижидер сместен помеѓу масата на Хана и мојата. Денес, утринскиот чај ќе го пијам без млеко.

За седум и пол часа ќе пристигне Мабел. Застанувам до вратата за да ја видам собата така како што ќе ја види таа. За среќа, Хана внесе малку боја во неа, но потребен е само еден момент за да се забележи разликата помеѓу нејзината и мојата страна. Освен моето растение и садовите, дури и работната маса ми е празна. Пред два дена ги продадов сите учебници од минатиот семестар, а не би сакала да ја види книгата за осаменост. Ја ставам во мојот плакар – има доволно простор – а кога се свртив назад, се соочувам со најлошиот дел од сè: на мојата огласна табла нема ништо. Можеби не можам да сторам нешто многу околу мојата насмевка, но можам да направам нешто во врска со ова.

Доволно сум била во други студентски соби за да знам што да направам. Имам поминато многу време зјапајќи во ѕидот на Хана. Ми требаат цитати од песни, книги и познати личности. Ми требаат фотографии и сувенири, искористени билети од концерти, докази за интерни шеги. Повеќето од овие работи ги немам, но можам максимално да се потрудам со пенкала и хартија, па и печатачот што го делиме со Хана. Има една песна што со Хана секогаш ја слушаме наутро. Од сеќавање го запишувам рефренот со виолетово пенкало, а потоа ја сечам хартијата во квадратче околу зборовите.

Долго време сум на интернет и избирам фотографија од месечината.

Китон, која живее две врати подолу, нè учеше за кристали. Таа има цела колекција на прозорската штица, која секогаш блеска. Откривам блог на една жена по име Џозефин, која ги објаснува својствата за исцелување на скапоцените камења и кажува како да ги користиме. Наоѓам фотографии од пирит (за заштита), хематит (за приземност), жад (за спокојство). Нашиот печатач во боја почнува да клика и да брмчи.

Се каам што веднаш ги продадов учебниците. На повеќето страници имав закачено ливчиња со забелешки и напишани коментари со молив. На часот по историја учевме за движењето за уметностите и занаетите и имаше еден куп идеи што ми се допаднаа. На интернет го барам Вилијам Морис и читам есеј по есеј, обидувајќи се да си најдам омилени цитати од него. Препишувам неколку од нив, користејќи пенкала во различна боја за секој поединечно. Ги печатам, исто така, во различни фонтови, во случај да изгледаат поубаво напишани на компјутер. Го пребарувам и дрвото секвоја што личи на она од моите сеќавања, а на крајот дури гледам и цел документарец за екосистемите на секвојата, од кој учам дека во текот на летото калифорниските секвои најголем дел од својата вода ја црпат од маглата и дека им овозможуваат дом на темните дождалци, кои немаат бели дробови и дишат преку кожата. Притискам „печати“ на една фотографија од темен дождалец испружен на светлозелен мов, а кога печатачот завршува, заклучувам дека имам доволно.

Зајмувам една шака од игличките на Хана и почнувам да редам сè што отпечатив и напишав, а потоа се поттргнувам назад и погледнувам. Сè е премногу тазе, премногу ново. Секое парче хартија е иста нијанса на бело. Не е важно тоа што цитатите и фотографиите се убави. Изгледа очајно.

Сега е приближно 15 часот, а прокоцкав толку многу часови и ми станува претешко да дишам затоа што 18.30 часот веќе не е толку далеку во иднината. Мабел ме познава подобро од кој било друг на светов, иако воопшто не сме зборувале во изминативе четири месеци. Повеќето пораки што ми ги прати останаа неодговорени, па на крајот престана да ми пишува. Не знам каков ù е животот во Лос Анџелес. Таа не го знае името на Хана, не знае кои предмети ги имам избрано ниту, пак, знае дали воопшто спијам. Но, ќе ù биде потребен само еден поглед на моето лице за да знае точно што правам. Вадам сè од огласната табла и хартиите ги носам низ ходникот до бањата во другото крило, каде што ги фрлам во кантата за отпадоци.

Нема како да ù ги замачкам очите.

 

Романот „Океј сме“ од Нина Лакур е достапен за нарачка на literaturа.mk на следниот линк , како и во книжарниците „Литература.мк“ на ул. Македонија бр. 21, во City Mall (втор кат),  Ramstore Mall (прв кат) и во Битола на  ул. Широк Сокак бр. 40.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.