Миодраг Мики Петковски, познатиот клавијатурист на групите „Необични“, „Република 903“, „Безимени“, „Брег“, „Смак“ и „Леб и сол“ е гостин во ова издание на „Астрорум“. Тој иако има класично музичко образование, со години работи на авторска музика и свири во рок и џез-групи. Вели дека ја сака слободата на креирањето нова музика.
Овој познат рок и џез-музичар е роден во Скопје, во 1951 година. Тој е клавијатурист и виолончелист со класично музичко образование кај познатиот француски виолончелист Андре Навара. Во 1976 година ѝ се придружил на познатата група „Смак“ од Крагуевац, како замена за познатиот клавијатурист Лаза Ристовски, со кои во 1977 година го снимил нивниот најуспешен албум „Црна дама“. Следната година ја напуштил групата, по што го снимил соло-албумот, во џез-рок стил, со наслов „Ко зна“. На албумот му гостува импресивна листа на музичари ‒ сите членови на групите „Смак“ и „Леб и сол“, како и вокалистката на подоцнежните групи „Мирзино јато“ и „Макадам“, Гордана Ивандиќ.
Петковски, покрај тоа што бил член и на групата „Брег“, во еден кус период во 1980 година, бил член и на легендарната група „Леб и сол“ заменувајќи го клавијатуристот Кокан Димушевски. Многу брзо потоа заминал во Канада (пред тоа времено и во Чикаго), каде што живее и работи и денес, како професионален музичар (композитор, продуцент, клавијатурист и педагог). Во неговата дискографија се вбројуваат уште три инструментални њуејџ/блуз/џез албуми ‒ Origins (2006), City Settlers (2007) и Barless (Balkan) (2009).