Нова ексклузивна книжарница на „Литература.мк“ ќе биде отворена на 17 ноември (сабота) во 12 часот, на најфреквентното шеталиште во Битола, Широк Сокак. Стартот на новиот продажен простор ќе биде одбележан со концерт на познатата битолска група „Фолтин“, коктел-забава, како и многубројни изненадувања за најмладите.
На денот на отворањето во книжарницата ќе има специјален попуст од 30 отсто на сите изданија на „Арс Ламина – публикации“.
Во простор од 20 m2, со модерен, артистички уреден ентериер, книжарницата „Литература.мк“ ќе ги донесе светските книжарски трендови и во Битола. Со ова, градот на конзулите конечно ќе добие книжарница по светски терк. Во неа ќе биде застапена литература за целото семејство. На полиците на книжарницата ќе може да се најдат познати домашни и светски наслови, од најголемите издавачки куќи кај нас. Ќе биде понуден голем избор од белетристиката, стручната литература, книжевност за деца, учебници и едукативни материјали.
Како веќе препознатливо место за страсните љубители на книгата, вљубеници во пишаниот збор и талкачи низ бескрајниот литературен простор, „Литература.мк“ ќе понуди богата програма, разни случувања и содржини наменети за сите возрасти и за сите вкусови: литературни дружења, гостувања на домашни и на странски автори, креативни средби и едукативни работилници за најмалите читатели.
Ова е петти специјализиран продажен сервис на „Литература.мк“, по интернет-продавницата http://www.literatura.mk и по книжарниците на улицата „Македонија“, во „Скопје сити мол“ и ТЦ „Рамстор“ во Скопје.
Почнувајќи од 17 ноември продажниот простор на „Литература.мк“ сместен на Широк Сокак 40, во Битола ќе работи од 9 до 21 часот, од понеделник до сабота.