Промовирана монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева во „Литература.мк“

Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (13 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.
Книгата содржи 80-ина фотографии, со фокус на 33 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други.

Посетителите на промоцијата, која беше дел од официјалната програма на Град Скопје за одбележување на 74-годишнината од ослободувањето на градот, можеа да погледнат дел од фотографиите од Богоева, изложени во книжарницата „Литература.мк“.
Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во новиот циклус фотографии на Богоева. Гледано од архитектонска перспектива, фотографката нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова.

– Низ фотографиите што се претставени во оваа публикација се обидов да ја доловам скулптуралната архитектура на Скопје, што е врвен архитектонски израз на своето (а, и во некои случаи и на идното) време. Со фокусирање кон бетонските и стаклените површини сакав да ги покажам неговите скулптурални елементи, со надеж дека, погледнати од овој агол, тие нема веќе да останат само обичните градби што сме навикнале да ги гледаме на минување туку ќе им го дадеме достојното внимание за нивната грандиозност и уметничка посебност. Нивната убавина е минималистичка, чиста и јасна и тие сè уште се тука, и покрај обидите да бидат урнисани. Додека ги фотографирав (најчесто мошне одблизу) не можев, а да не го допрам бетонот или мермерот со својата рака и во исто време ќе ја повлечев наназад, бидејќи се чувствував како да правам нешто недозволено – да допирам уметничко дело во музеј. Овие архитектонски скулптури се дел од нашето културно-уметничко наследство и како такви сметам дека треба да бидат заштитени од државата и сакани од нејзините граѓани ослободени од стегите на времето во кое се изродиле. Книгата се обраќа на креативната и на носталгичната публика. На секој кој сака да го види Скопје од нов агол, и секој кој ќе се препознае во тој агол на градот. Она што се надевам, и што може да се очекува од книгата, се добри фотографии и убаво посветено внимание на архитектурата која со децении ја имаме во Скопје – рече Ерина Богоева.

Промоторот на монографијата, архитектот и фотограф Александар Наумчески во својот осврт истакна дека темата која, преку колекцијата на фотографии, ја обработува Богоева во книгата е актуелна и во локални и во пошироки рамки.
-Фотоесејот започнува со кадри од станбени кули од Градскиот Ѕид, со нагласена вертикална перспектива и поглед кон небото како метафора на возбудата и љубопитноста на авторот во откривање на нови волумени, структури и текстури, онаа опчинетост и ентузијазам која е присутна на почетокот на секоја креативна работа. Кадрите сугерираат дека авторот љубопитно им се доближува на објектите во желба подобро да ги запознае. Денеска, на 13 ноември 2018 година, кога одбележуваме 74 години од ослободувањето, се потсетуваме дека има многу начини како да се бориме за слободно Скопје, какво што заслужува да го оставиме на наредните генерации. Промовирањето на културните, естетските и етичките вредности на градот во периодот од шеесеттите до деведесеттите години на дваесеттиот век, преку капиталните архитектонски зданија, вградувањето на тие на вредности во колективната меморија на граѓаните преку авторски проекти како оваа монографија на Ерина Богоева, е еден од тие начини – рече Наумчески.

Проектот „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ е поддржан од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата што би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.