Го одбележуваме Моември со 15 книги од нашите полици

Со цел да се покрене свесноста за машкото здравје, веќе 15 години на светско ниво, секој ноември се одбележува т.н. „Моември“. Оваа акција е иницирана во Австралија во 2003 година со цел да се сврти вниманието кон еден од најчестите здравствени проблеми кај мажите – ракот на простата. Акцијата многу брзо стана глобална, а се состои во тоа мажите во ноември да пуштаат мустаќи. „Моември“ го добила името по австралискиот сленг за мустаќи „Мо“.
Моември – месецот на мустаќи и машкото здравје го одбележуваме со 15 машки книги од полиците на „Литература.мк“. Листата почнува со „Приказна за мустаќот“ – Тахсин Јуџел во која главниот лик е токму еден исклучителен мустаќ што го обојува мирниот живот на едно турско гратче со години, еден мустаќ кој, според многумина, се одделува од неговиот сопственик и живее свој, посебен живот. Жителите на градот во него гледаат и обележје на нивното минато и светол знак на нивната иднина. Берберот кој се грижи за него секој ден го смета за сопствено ремек-дело; според девојките, тој навечер летнува и, влегувајќи низ отворените прозорци, ги посетува во нивните постели; а градскиот поет никако да ги најде вистинските зборови за да го опише и да го опее соодветно. Што се однесува до неговиот сопственик, како мустаќот станува сè пограндиозен, така тој станува сè поневидлив, понезабележлив, преминува во втор план. Ги губи речиси сите други својства и карактеристики освен онаа на носител на еден монументален мустаќ, дури и самата машкост, но, и покрај тоа, и тој самиот, мустаќот го смета за најважен од сè. Единствениот отпор, единствениот противудар во однос на ова, според малкумина, замрачување на умот, доаѓа од неговата сопруга, но стигнува предоцна…
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Дигитално злато“ – Натаниел Попер

„Дигитално злато“ е досега најобемната историја на биткоинот и претставува возбудлива приказна наменета како за биткоин-ентузијастите, така и за неупатените во областа на криптовалутите. Ова исклучително читливо и возбудливо четиво ја следи несмасната работа на основачот на „Мт. Гокс“, Марк Карпелес, подемот и падот на „Патот на свилата“ и деловните авантури на биткоин-проповедниците, Роџер Вер и Чарли Шрем. Покрај новинарски прецизните и документирани преданија, книгата содржи и лесно разбирливи објаснувања за техничките, но и за пошироките економски, па и филозофски аспекти на криптовалутите и технологијата на блоковски синџир. „Дигитално злато“ е задолжителна литература за секој што сака да го разбере она што многумина го сметаат за најголем пронајдок после интернетот.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Срце, глава, стомак“- Камило Кастело Бранко


„Срце, глава, стомак“ е сатирична романтична новела издадена во 1862 година. Раскажана е во прво лице од протагонистот Силвестре да Силва, кој на читателот му ги раскажува причините за своите љубовни неуспеси и радости во тогаш современиот Лисабон. Поделена е на три дела: во ,,Срце’’, Силвестре е постојано вљубен, но несреќно, неговата единствена цел и фрустрација е да ја пронајде совршената жена. Гневен, преоѓа во вториот дел ,,Глава’’, каде што материјално гледа на љубовта и го негира сето тоа што му се чини неправилно во тогашното општество, така што во еден весник од Порто завршува здобивајќи се со фама на клеветник. Во третиот дел од неговиот живот му се предава на ,,Стомакот’’ и живее селски живот со мигови на мир и задоволство: се спојува со Томасија, ќерка на генерал-мајорот од Соутело, и добива богата женидба исполнета со прекрасни јадења, далеку од разочарувањата на главата и срцето. Во ова дело можеме да најдеме од сѐ по нешто: значителна социолошка критика, сатира за португалските обичаи и, пред сѐ, литературно изложување на најпрефинетиот хумор на Камило Кастело Бранко. Наративата во ова дело е металингвистичка, додека, пак, содржината е автобиографска: Силвестре ни открива зошто ја има напишано оваа книга – објаснува како се обидел да го искористи животот, така што од него да добие најголема сатисфакција.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Приказната за „Ербиенби“ – Ли Галагер

Ова е извонредна приказна за создавањето и за развојот на „Ербиенби“, онлајн-платформа за изнајмување соби за престој, што денес е најголемиот провајдер за сместување ширум светот. На почетокот е само откачена идеја на соосновачите Брајан Чески, Џо Гебија и Нејтан Блечарзик, а сега е незаменлива алатка на милиони домаќини и патници. Уредничката на „Форчун“, Ли Галагер, ни го претставува зародишот на оваа идеја и срцевината на феноменот наречен „Ербиенби“ – успесите, но и контроверзиите – и нè води зад кулисите кога младите извршни директори се пробиваат низ неистражени територии што незапирливо се шират.
„Динамично, забавно нурнувaње во една од најзнаменитите компании на нашето време. Преку бајката за „Ербиенби“, Ли Галагер ни покажува како споделувачката економија може да биде моторна сила за емоционално врзување – како и за општествено и бизнис раздрмување“, Рана Форохар, колумнистка во „Фајненшал тајмс“ и глобален економски аналитичар за Си-ен-ен.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Роналдо – Опсесија за совршенство“ – Лука Кајоли


Патот до светската слава што денес ја ужива Кристијано Роналдо не му е сосема лесен. Роден во градот Фуншал на португалскиот остров Мадеира, во скромно семејство на готвачка и општински градинар, од најмала возраст е вљубен во фудбалот. Вмешаноста во локалните фудбалски клубови на неговиот татко и други блиски луѓе му е отскочна штица на Роналдо кон големите клубови. На 12-годишна возраст се сели во Лисабон, како член на тимот на „Спортинг“. Оттаму, неговиот талент го води на друг остров, каде што се негува посебен култ кон фудбалот. На 18-годишна возраст преминува во редовите на „Манчестер јунајтед“ и станува најскапиот тинејџер во историјата на англискиот фудбал. Потоа следува најголемиот шок во фудбалот со трансферот во кралскиот клуб, „Реал Мадрид“, за рекордни 94 милиони евра. Во оваа темелна биографија на Лука Кајоли, реномиран спортски новинар, се содржани и финеси од животот на Кристијано Роналдо што веројатно досега не сте ги прочитале на друго место.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Музика на случајноста“ – Пол Остер


Романот на Остер го следи Џим Неш, бостонски пожарникар, кој, откако го троши своето неочекувано наследство во возење низ Америка, по пат собира еден млад коцкар, со план да измамат двајца ексцентрични милионери. Но, планот не успева и тие брзо се наоѓаат на една ливада во Пенсилванија, принудени да изградат еден бесмислен ѕид од камења земени од урнатини на ирски замок од петнаесеттиот век. Времето минува, нивните долгови растат, исто како и нивниот бес, додека се обидуваат да се извлечат од ова кафкијанско ропство.
Популарниот автор на бестселери, Пол Остер, нѐ воведува во својот свет на сурови зделки и казнени каприци, свет во кој среќата и случајноста се непредвидлива сила.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„И така, ви велам…“ – Џон Клиз


Автобиографијата на Џон Клиз, „И така, ви велам…“, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда. Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на Универзитетот „Кембриџ“ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава. Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Фајронт во Сараево“ – д-р Неле Карајлиќ


Фајронт во Сараево раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац и, патувајќи кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград, суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“. Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот. Пред нас се простира топла, емотивна и неодолива приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост. На искрен, емотивен и духовит начин, оваа книга зборува за тоа како почна и како заврши сè.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Жена, стан, роман“ – Вилхелм Генацино


Во романот „Жена, стан, роман“ Генацино го раскажува развојниот пат на едно момче од неуспехот во школувањето до неговиот развој во писател. Дејството е сместено во шеесеттите години на минатиот век , во „неименуван индустриски град во Германија“, а содржи и автобиографски елементи. Насловот ги означува трите животни цели на протагонистот, чие име е Вајганд. Романот завршува со одлука на нараторот да си даде повеќе време и да стане набљудувач на сопствениот живот. Се отселува од заедничкото живеалиште со родителите и изнајмува стан. Приказната се заокружува со „будење на првиот збор“ од неговиот авторски роман.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Јас“ – Волфганг Хилбиг


Во средиштето на романот „Јас“ е приказната за еден неуспешен поет, кој работи во државната безбедносна служба на ДР Германија. Првенствено, дејството во „Јас“ го води наратор во прво лице, но постепено раскажувањето се премостува кон протагонистот кој наизменично се претставува со кратенките К. В. и со името Камберт, работник во фабрика и писател, жител на провинција во Источна Германија во осумдесеттите, кој се развива збунет и отуѓен. Тој се запознава со извесен Фојербах, припадник на службата „Штази“, кој го праќа во Источен Берлин за да се инфилтрира во книжевниот андерграунд. При пишувањето на извештаите, поткажувачот го пречекорува прагот на службениот повик и се води од писателскиот агенс за креирање приказна. Истовремено, го губи и личното „јас“, во еден кошмарен свет каде што секој секого го демне, но блискоста изостанува.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Твитер компанијата и нејзините основачи“ – Кристин Хепермaн

Во оваа книга се анализираат исклучителните животни врвици на Џек Дорси, Еван Вилијамс и Кристофер „Биз“ Стоун и нивното професионално учество во градењето на интернет-страницата за социјално вмрежување „Твитер“. Тука ќе можете да прочитате за потеклото и за образованието на секој од тројцата основачи и за нивните почетоци во кариерата. Исто така, книгата се осврнува и на начинот на кој функционира „Твитер“, со што се соочува компанијата, нејзините успеси и влијанието во општеството. Лесно читливо и мотивирачко четиво за подемот на една од највлијателните социјални мрежи денес.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Кратко писмо за долга разделба“ – Петер Хандке


Во романот „Кратко писмо за долга разделба“, Петер Хандке пишува за еден млад австриски писател кој патува низ Соединетите Американски Држави во потрага по неговата сопруга Џудит со која се разделува. На патувањето проследува изведба на Шилеровата „Дон Карлос“ и учествува во дискусија за односот помеѓу реалноста и сцената, и со Џон Форд разговара за природата и историјата. Неговата меланхолија и безнадежност се контрастни на емоциите што владеат во странската држава и од различниот начин на живот.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.
http://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13191

„Виор од лисје“ – Габриел Гарсија Маркес


Низ малото гратче Макондо минува вистински виор од луѓе, складишта и најразлични локали за лесна и брза забава, при што жителите на гратчето се наоѓаат затекнати среде вистински хаос од ѓубре и смрдеа, што го прави местото каде што живеат непрепознатливо. Кога компанијата за банани го напушта градот, исто толку брзо како што и доаѓа, на оние што остануваат не им останува ништо освен празнина и распаѓање. Во оваа уништена и бездушна пустелија останат е уште еден, последен, честит човек. Тоа е Полковникот, кој е цврсто решен да исполни едно одамна дадено ветување, без оглед колку и да е тоа неприфатливо од заедницата. Кога презрениот Доктор умира, тој е оној кој на себе ги зема товарот и одговорноста за организирање на неговиот скромен, но достоинствен погреб, што ги споделува со својата ќерка и со својот внук, неговата единствена придружба на закопот, додека преостанатите жители на Макондо со задоволство би го оставиле Докторот да изгние онаму каде што починал, незгрижен и заборавен.
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Ноќта“ – Ели Визел


Му се доверив на мојот млад посетител дека ниту една слика на тие мрачни денови не ме допрела толку како вагоните полни со еврејски деца, на железничката станица во Остерлиц… „Јас не сум ги видел со сопствени очи, но жена ми ми ги опишуваше, сè уште исполнета со ужасот што го чувствувала. Тогаш ништо не знаевме за методите на истребување на нацистите. А кој би можел да замисли такво нешто! Но, тие јагниња одделени од нивните мајки, тоа веќе беше повеќе од тоа што мислевме дека е возможно. Тој ден мислам дека првпат ја допрев мистеријата на неправдата, чиешто откритие го означи крајот на една ера и почетокот на друга. Сонот што западниот човек го имаше во XVIII век и кој мислеше дека во 1789 година конечно ја виде светлината на денот, а до втори август 1914 година се засилуваше со напредокот на просветителството и откривањето на науката, тој сон на крајот за мене се распрсна пред овие вагони натоварени со мали момчиња, а воопшто не ми паѓаше на ум дека со нив ќе ги наполнат гасните комори и крематориумите.“
Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

„Ракија: проза од Банат“ – Матеј Хоржава


Романија. Банат. Живописни планини што се протегаат над Дунав. Села во кои Чесите живеат повеќе од два века. Свет во кој стои времето. Млад учител од Моравија доаѓа во едно од овие села. Тој доаѓа за да заборави. Но, секојдневната реалност на руралниот живот и срамежливите обиди да се интегрира во ова затворено општество се надвиснати од интензивните сеќавања.
Во мир и изолација, среде опојните убавини на Банат, како секоја мала работа да сака да го потсети на детството, горчливите години во гимназијата, загубените љубовници, патувањата, бегствата… Младиот автор Матеј Хоржава ни претставува медитативна, автобиографска и стилистичко значајна проза која во 2015 година се закити со престижната чешка литературана награда „Магнезија Литера“ во категоријата за дебитант на годината.

Книгата е достапна за нарачка на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.