Интервју со Ерина Богоева, авторка на монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“

Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во новиот циклус фотографии на Ерина Богоева. Преку своите најнови фотографии на кои се прикажани триесетина градби изградени во втората половина на дваесеттиот век, гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова. Избор од 80-ина фотографии, снимени во период од 10 месеци се најдоа во монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата ќе биде промовирана на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 ноември 2018 (вторник), во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 19 часот.

*Проектот „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ произлезе од конкурс на Град Скопје. За каков конкурс стануваше збор и кои беа предусловите и целите за учество?
– Конкурсот беше пуштен на крајот на минатата година од страна на Град Скопје за проекти од областа на културата што би го застапувале или обогатиле културниот живот на градот. Конкурсот беше отворен за различни сфери од културата како визуелни уметности, музика и издавачка дејност, каде што припадна мојот проект.

*Како се развиваше проектот, има ли некоја интерсна анегдота? И какво беше искуството со Град Скопје?
– Проектот го имам почнато уште во 2012 година, откако еден мој соработник од Германија дојде во Македонија и беше комплетно фасциниран од бруталистичката и модернистичката архитектура низ Скопје (а и низ Македонија). Тогаш сфатив дека поседуваме едно огромно архитектонско богатство кое не знаеме да го цениме самите и затоа се посветив на документирање на тоа богатство од свој агол. Лани на сличнава тема имав изложба на фотографии во Музејот на современата уметност во Скопје под наслов „Затемнетиот град“ (проект кој беше поддржан од Министерството за култура и нивниот конкурс „Нов културен бран 2017“), па ова издание би било еден вид заокружување на овој проект во границите на Скопје.

*Колку објекти опфати во проектот и колку фотографии произлегоа?
– Опфатени се 30-ина објекти од јавен и резиденцијален карактер, а во книгата се застапени 80-ина фотографии од објектите. Вкупно излегоа околу 200 фотографии откако завршив со фотографирање и обработка, но секако тие поминаа низ построга селекција.

*Може ли да ми издвоиш дел од објектите што ги фотографираше?
– Како помаркантни би ги издвоила: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“.

*Ова не е прв твој креативен осврт кон родниот град. Каква е твојата емотивна врска со градот и колку често те иснпирира, изнендува, расположува, па и разочарува?
– Логично ми е да сум инспирирана од околината во која живеам, инаку не би можела да творам редовно, веројатно. Негогаш таа инспирација е позитивна, некогаш не е. Емотивната врска со Скопје ми е голема, бидејќи скоро сите големи работи во животот ми се случувале на овие улици и токму затоа го сакам многу. Ме разочарува кога Скопје го гушат и ме револтира кога го силуваат, како што често беше случајот во блиското минато. Но, сѐ уште се надевам дека Скопје ќе успее да се издигне над тоа, бидејќи знам дека има и други луѓе кои ќе се борат за него. Јас моето го правам преку фотографирање на она што значи Скопје за мене, бидејќи и не знам поинаку.

*Скопје е често во твојот фокус. Без разлика дали фотографираш архитектонски објекти, лица, или пак модни едиторијали. Кој агол, лик, амбиент од Скопје најмногу го сакаш?
– Омилен ми е модернистичкиот агол на Скопје – без разлика дали станува збор за архитектурата, лицата или духот. Тоа се оние работи и луѓе кои го прават градот светски, а сепак препознатлив за нас.

*Кои ти се најинтересните објекти и места од Скопје, и на кои најчесто им се враќаш?
– Секој ден би можела да поминувам покрај Телекомуникацискиот центар и старата пошта, студентскиот дом „Гоце Делчев“, комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и да им се восхитувам на нивната грандиозност и убавина. Тоа и го правам често – дали кога ми треба инспирација или кога имам одврзани раце за фотографирање, едноставно тие се секогаш тука за мене во креативна смисла.

*На која публика се обраќа книгата и што да очекуваат читателите од неа?
– Книгата се обраќа воедно на креативната и на носталгичната публика. На секој кој сака да го види Скопје од нов агол, и секој кој ќе се препознае во тој агол на градот. Она што се надевам, и што може да се очекува од книгата се добри фотографии и убаво посветено внимание на архитектурата која со децении ја имаме во Скопје.

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска
anan@arslamina.com

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.