Третата книга од серијалот „Загадочни приказни“ на најпродаваниот автор за деца во Србија – Урош Петровиќ, е објавена на македонски јазик, во издание на „Арс Ламина – публикации“. Книгата ќе биде застапена на Едукативното предавање на авторот на Програмата на НТЦ-системот на учење, д-р Ранко Рајовиќ, што ќе се одржи на трети ноември 2018 (сабота) во 9 часот во хотелот „Порта“, Скопје. Таа е достапна и во книжарниците на „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ и „Скопје сити мол“.
„Загадочни приказни“ е книга за деца кои сакаат предизвици и загатки! Тие што сакаат приказни ќе уживаат во нив, но секоја поставува не баш лесна задача – решавање на логичка загатка врзана за случките од една необична траперска населба. Неретко ќе биде потребна помош од постарите, бидејќи оваа книга, најблаго кажано, не ги потценува децата… Авторот на „Загадочни приказни“ е задолжен за тестирањата на „Менса“ во Србија и е еден од најуспешните решавачи на Ај-Кју X-тестот во светот. „Загадочни приказни“ е добитник на награда „Невен“ за најдобра книга за деца и млади од областа на популарната наука и награда од детското жири на „Доситеево перо“. Книгата е со илустрации од Илија Мелентијевиќ.
Првите две изданија на „Загадочни приказни“ на македонски јазик беа промовирани во рамките на Саемот на книгата во Скопје 2018.

Првите две изданија на „Загадочни приказни“ на македонски јазик беа промовирани во рамките на Саемот на книгата во Скопје 2018
Кон серијалот се осврна д-р Ранко Рајовиќ: „Книгите од серијалот ’Загадочни приказни‘ се незаменливи во дружењето со надарените деца! А најдобро е тоа што еднакво добро функционираат и со возрасните!“
Системот на учење „Никола Тесла Центар“ (НТЦ) во Македонија прославува пет години. Авторот на програмата, д-р Ранко Рајовиќ, во Скопје ќе одржи семинар на тема: НТЦ-систем на учење – Како успешно да се развива Ај-Кју кај децата низ игра.
Рајовиќ е лекар-специјалист за интерна медицина, член на четиричлениот комитет на светската „Менса“ за надарени деца. Неговите активности во светската „Менса“ се високовреднувани. Добитник е на меѓународно признание од „Менса“ (MERF – Mensa education and research foundation) за интелектуален придонес на државата во 2015 година. Работи на Педагошкиот факултет во Копер, Словенија. Гостин-професор е на неколку универзитети, а воедно е и соработник со УНИЦЕФ. Искуствата од неврофизиологија и работата во комитетот за надарени деца придонесоа за составување на единствена програма за развој на интелектуалните способности на децата – НТЦ-систем на учење.