Ана Кондратенко, виолинистката со фуриозен штрих којашто создава музика како од оној свет

Ана Кондратенко е една од најдобрите руско/македонски виолинистки. Таа е солист, камерен музичар и концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Критичарите за неа велат дека е „виолинистка со фуриозен штрих“… која создава „музика како од оној свет“. Родена во Новосибирск (Русија), виолина почнува да изучува на четиригодишна возраст.

Музичкото образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на професорите О. Марченко и А. Гвоздев (заслужен уметник на Русија), а потоа продолжува во класата на прочуениот В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што и дипломира во 2004 година. Нејзиниот талент за музика е забележен уште од најраната возраст и веќе како дете Кондратенко се издвојува со победите на регионалните конкурси.

Во 1995 година станува стипендист на Министерството за култура на Русија. Добитничка е на значајни награди, меѓу кои Прва награда на Меѓународниот конкурс „Blue Lake“ во Мичиген, САД (1992), Втора награда на серускиот конкурс „М. Ерденко“ во Москва, Русија (1995), Трета награда на Меѓународниот конкурс „Е. Мравински“ во Санкт Петербург, Русија (1996), Трета награда и награда од публиката на Меѓународниот конкурс „Yefrah Neaman“ во Маинц, Германија (1997), итн.

This slideshow requires JavaScript.

Како солист и како концерт-мајстор постојано настапува со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск, Симфонискиот оркестар на Филхармонијата на Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар на Мичиген, Класише филхармоние во Бон, Германија итн., патувајќи во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, САД, Малезија, Кина, Јапонија. Анна Кондратенко е концерт-мајстор и во оркестарот за снимање филмска музика „Ф.А.М.Е’С“.

Мошне значајна е нејзината педагошка работа. Нејзините успеси и на ова поле се многубројните награди на националните и на меѓународните натпревари што ги освојуваат нејзините ученици. Неодамна, Ана Кондратенко, заедно со уште тројца извонредни музички уметници, колеги од оркестарот на Македонската филхармонија,основаше гудачки квартет „Филхармонија“ и веќе концертираат со голем успех и придонесуваат кон повторното заживување на оваа камерна формација на нашите сцени.

Ана Кондратенко, во ова интервју, на уредничката на „Астрорум“, Бранка Костиќ Марковиќ и открива интересни поединости од својот животен и професионален растеж, нешто што досега не е разговарано во нашиот етер.

Advertisements