Македонскиот министер за култура се сретна со директорот на Саемот на книгата во Франкфурт


Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми, денеска (12 октомври) се сретна со раководството на Саемот на книгата во Франкфурт. Тој разговараше со директорот за меѓународна соработка Тобијас Вос и со генералниот извршен директор Јирген Бос.
На средбите министерот Адеми го изрази своето задоволство што Република Македонија со години е присутна на Саемот и потенцираше дека оваа манифестација е убава можност пред европската и светската културна јавност да се претстави богатството на една национална култура, актуелните културни политики на една држава, степенот на развој на издавачката дејност, но и другите потенцијали од економски, туристички и други аспекти.
Тој нагласи: „Република Македонија е современа културна и книжевна средина и презентацијата на нашите автори и нивното творештво во меѓународни рамки е приоритет на Министерството за култура“.

Министерот за култура на Р. Македонија, Асаф Адеми, се сретна со директорот на Саемот на книгата во Франкфурт, Јирген Бос

На средбите соговорниците беа информирани дека во Република Македонија се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку мерки како што е Конкурсот за странски издавачи. Воедно, Адеми информираше и за заложбите да се ефектуира работата на посебната Агенција за книга што во иднина ќе се грижи за сите активности поврзани со литературната и издавачката дејност.
На средбите со директорот за меѓународна соработка и извршниот директор беа разменети повеќе размислувања околу искуствата и практиките што овозможуваат ефикасна промоција на една држава на оваа голема меѓународна манифестација. Беше изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори, како и подготвеноста и интересот за државно претставување на Република Македонија во рамките на програмата „Почесни гости“ (Guest of Honour) на Саемот на книгата во Франкфурт. Министерот изрази уверување дека Република Македонија и Министерството за култура би ги вложиле сите свои капацитети и можностите за едно достојно претставување на нашата држава на овој престижен саем.
Во попладневните часови министерот за култура ќе оствари и средба со извршниот директор на „Традуки“, чијашто полноправна членка Република Македонија стана во ноември 2017 година.

Министерот Адеми разговараше и со директорот за меѓународна соработка Тобијас Вос на Саемот во Франкфурт

На македонскиот штанд на годинашниот Саем на книгата во Франкфурт, чијшто комесар е Министерството за култура на Република Македонија, застапени се повеќе издавачки куќи, меѓу кои и „Арс Ламина – публикации“, со своите најнови и најбарани книги, сликовници и интерактивни изданија. Во фокусот на македонското претставување се нашата современа книжевност, можностите за соработка со странските партнери и промоција на Р. Македонија како современа културна и книжевна средина. За в сабота е закажан т.н. македонски ден, на кој ќе бидат претставени седум истакнати автори.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.