Марија ја прашува писателката Билјана С. Црвенковска


„Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и „ТКЦП: Канџа во мракот“ се само дел од омилените книги што петтоодделенката Марија Марјановиќ ги има прочитано, а кои писателката Билјана С. Црвенковска ги има напишано.
Марија Марјановиќ е голема обожавателка на книгите, а љубовта кон читањето ја споделува со својата сестра Магдалена на каналот на „Јутјуб“ – „Читаме со Марија и Маги“. Дел од нивните симпатични осврти се кон книги што ги напишала или ги уредила токму Црвенковска.
На промоцијата на серијалот ТКЦП, за време на Саемот на книгата во Скопје, се оствари желбата на Марија, која живее во с. Стење, Преспа, да ја сретне својата омилена авторка. Неколку месеци подоцна, сакајќи подобро да ја запознае, Марија ѝ испрати 19 прашања на Билјана, но разговорот не застанува на нив. Ова несекојдневно интервју меѓу читателката и писателката добива два пресврта и лични одговори на многу прашања: за нејзините омилени книги, спорт, храна, боја и животни…

Ова интервју е и покана до сите големи и мали читатели, љубители на книгите на Билјана С. Црвенковска, да ѝ постават прашања на следната адреса publishing@arslamina.com.

Марија (десно) е голема обожавателка на книгите, а љубовта кон читањето ја споделува со својата сестра Магдалена на каналот на „Јутјуб“ – „Читаме со Марија и Маги“.

Прашања од Марија за Билјана:

M: Дали имаш напишано книга што се вика „Митски лавиринт“? Ако да, дали е за деца?
Б: Да, тоа е мојата прва самостојна книга, но не е за деца. Тоа е книга за возрасни што се занимава со митовите на многу народи.

M:Со што се занимаваш во слободното време?
Б: Покрај тоа што пишувам, во слободното време возам велосипед, шетам во природа, трчам, планинарам, го галам мојот мачор Макс, готвам, гледам убави фотографии, а гледам и серии.

M:. Дали имаш деца и како се викаат?
Б: Имам деца од мојот партнер (значи јас сум, да речеме, една добра маќеа). 🙂 Се викаат Срна и Димитриј, а имаат 16 и 18 години.

M: Дали навистина постои Зеленпарк?
Б: Постои, да. Еден парк во Лондон се вика токму така – Зелен парк (Грин парк). Инспирација за Зеленпарк се неколку лондонски паркови, а и еден парк во Скопје. 🙂

M:Од каде ти текна Лу и Гандалф да не се бркаат? (мисли на мачката и кучето од „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“)
Б: Многу често мачиња и кучиња не се бркаат, туку се пријатели и си спијат заедно. Сè зависи како ќе се научат и ќе се навикнат од малечки.

M: Која ти е омилена боја?
Б: Сите бои ми се омилени. Не можам да издвојам некоја особено омилена. Сакам да се облекувам во шарени работи.

M: Дали го знаеш патот до Снегомраз? (мисли на градот од романот „Што сонуваше Дедо Мраз“)
Б: О да, зар се сомневаш?

M: Дали Снегулка е вљубена? (мисли на еден од главните ликови во „Што сонуваше Дедо Мраз“)
Б: Сè уште не, но ќе биде во некоја друга приказна.

M: Како ТКЦП ги добиле своите супермоќи?
Б: ТКЦП се родени со своите супермоќи.

M: Како ТКЦП се запознале?
Б: За тоа ќе читаш во книгата со наслов „ТКЦП: Мисијата ’Црно прасе‘“. 🙂

M: Колку книги имаш напишано и кои?
Б: Имам напишано многу различни книги (сликовници, книги со активности и сл.), сепак трите романи за деца ми се најдраги: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и „ТКЦП: Канџа во мракот“. Секој момент треба да излезе и „ТКЦП: Замокот на илјада мачки“.

M: Колку години имаш?
Б: Имам 45 години, но кога бев колку тебе решив дека нема никогаш да пораснам, па така и направив. А во еден момент престанав да славам родендени, исто како Петар Пан.

M: Кога ти е роденден?
Б: Роденден ми е на 23 мај.

M: Што ти е омилено јадење?
Б: Ова е тешко прашање. Имам многу омилени јадења, затоа што баш сакам да готвам и да експериментирам со храна. Но, еве ќе кажам едно здраво јадење и едно не толку здраво: праски и чоколадна торта (само од чоколаден крем, без тесто). 🙂

M: Кој ти е омилен спорт?
Б: Возење велосипед, планинско трчање, планинарење…

M: Каква боја на очи имаш?
Б: Имам црни очи. Толку црни, што не може да се види зеницата во нив.

M: Дали ги имаш прочитано сите книги од „Либи“?
Б: Да, сите. Уредник сум на речиси сите книги што се излезени во „Либи“, па секако ги имам прочитано сите.

M: Повеќе читаш детски или возрасни книги?
Б: Повеќе читам детски, затоа што тоа ми е работа, па немам премногу време за „возрасните книги“. Но, читам по малку и такви. 🙂

M: Може почесто да си пишуваме, Билјана Црвенковска?
Б: Може, еве сега си пишуваме, а ќе продолжиме и понатаму. Сакаш да одговориш сега и ти на моите прашања?

Ова интервју е и покана до сите љубители на книгите на Билјана С. Црвенковска, да ѝ постават прашања.

Прашања од Билјана за Марија:

Б: Што мислиш дека ќе се случува во вториот дел од „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, со наслов „Мистеријата на стариот часовник“? Што би сакала да се случи?
M: Значи, јас мислам вака: од стариот часовник ќе излезе една супервештерка од вселената, која се вика Ирма, и ќе им раскаже на Елена и Павел дека на нејзината планета, која се вика Ентезут Спајт Вајтер, Каспер тор Алсино, владетелот на таа планета е решен да стане господар на целата вселена. Тој има златно огледало во кое е заробена Мила, девојката која му била најдобра другарка на Јован Синоцветски и затоа и таа знае како се прават магии. Каспер ја држи Мила за да му помогне да го освои светот, но Ирма, Елена, Павел, Лу, Гандалф и Ѕвонко патуваат до Ентезут Спајт Вајтер за да ја ослободат Мила и да го спасат светот.
Но, таму, мачорот на Каспер, Лундерсон (Лунд) ќе се вљуби во Лу и ќе им го донесе златното огледало. Кога ќе го скршат оттаму ќе излезе Мила и ќе го прати Каспер на Јужната Планета, каде што е секогаш сончево и топло. Потоа, откако ќе се вратат во Зеленпарк, ќе одат кај бабата на Павел да се одморат и тогаш ќе заврши книгата.
А во третата книга ќе одат кај стариот чинар, кој ќе им каже како да ја најдат самовилата од езерото, а потоа ќе нуркаат во езерото со помош на магиите на Мила и ќе го спасат Јован Синоцветски.

Б: Кој ти е најомилен лик од моите книги и зошто?
M: Мислам дека ми е најомилена Елена, ама не знам зошто.

Б: Имаш ли уште нешто што сакаш да ми кажеш или што би сакала да прочиташ во моите книги?
M: Па… не знам. Сè е супер! А, имам уште неколку прашања…

Марија (лево) и нејзината сестра „Маги (десно) се запознаа со нивната омилена писателка Билјана С. Црвенковска за Саемот на книгата 2018 во Скопје

Нови прашања од Марија за Билјана:

M: Кога им е роденден на Ава, Лео, Тина и Тони, Рокси, Симон, Елена, Павел, Снегулка и Виктор?
Б: Пууу, за сите сакаш да знаеш? Ок, вака: Ава е родена на втори ноември, а Лео е јунско дете, родено на 25 јуни; Рокси е на 25 мај, Тина и Тони на петти октомври; Симон е на петти април. Елена е родена на трети јуни, а Павел на 29 ноември. Снегулка е родена на трети јануари, а Виктор на десетти.

M: Да, ТКЦП се родиле со своите супермоќи. Но, КАКО се родиле со своите супермоќи? На човек мора нешто да му се случи за да се роди со супермоќ!
Б: Не, не мора да му се случи ништо, туку треба да го носи тоа во своите гени. Комбинацијата на гените кај овие деца направила да се родат со супермоќи.

M: Колку книги има во серијалот „Приказни од Зеленпарк“?
Б: Засега, две. Колку сакаш да има? Едно девојче сонувало дека има седум книги.

M: Дали собираш нешто?
Б: Кога бев дете собирав повеќе работи, на пример салфетки, поштенски марки (уште ги чувам), играчки од киндер јајца, карти за играње и сл. Во последниве години собирам фанко поп фигури, но само женски.

M: Дали имаш омилено животно?
Б: Ех, зар се сомневаш? Па, мачка, секако!

M: Која книга ти е омилена?
Б: Најомилена книга на цел свет отсекогаш ми била „Петар Пан“, но имам и други: „Книга за гробиштата“ на Нил Гејман, на пример, или „Господар на прстените“ на Толкин.

M: Дали имаш омилен бенд или музика и омилен филм?…
Б: Сакам различна музика и имам многу омилени бендови, исто така и омилени филмови. Еден од најомилените филмови на сите времиња ми е „Големата риба“ (Big Fish).

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.