Седум македонски писатели ќе бидат претставени на 13 октомври (сабота) во рамките на јубилејното 70-то издание на Саемот на книгата во Франкфурт. Домаќин на настанот ќе биде Асаф Адеми, министерот за култура на Р. Македонија. На т.н. „македонскиот ден“ гостите на саемот ќе можат одблизу да се запознаат со писателите Петар Андоновски, Зоран Анчевски, Скендер Асани, Азири Љулзим, Томислав Османи, Фросина Пармаковска и Салајдим Салихи.
На македонскиот штанд, на Саемот на книгата во Франкфурт, што се одржува од 10 до 14 октомври, застапени се повеќе издавачки куќи, меѓу кои и „Арс Ламина – публикации“, со своите најнови и најбарани книги.

На Саемот на книгата во Франкфурт се застапени повеќе македонски издавачки куќи, меѓу кои и „Арс Ламина – публикаци“
Во фокусот на македонското претставување ќе бидат нашата современа книжевност, можностите за соработка со странските партнери и промоција на Р. Македонија како современа културна и книжевна средина.
– Оваа година Министерството за култура по првпат се јавува во функција на комесар на националното претставување. Во оваа насока, ефектите од овој модалитет на претставување ќе бидат сумирани по завршувањето на Саемот во Франкфурт и потоа ќе биде утврден начинот на претставување на Република Македонија во иднина. Преку предвидените активности ќе се настојува да се обезбеди подобар пробив на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународен контекст, долгорочно. Република Македонија ќе биде претставена со свој национален штанд на кој ќе бидат презентирани изданија од продукцијата на голем дел од издавачите од државава, монографски изданија за Македонија, за културното наследство што го поседуваме, како и преводи на странски јазици. Во рамките на претставувањето, на 13 октомври во 12 часот ќе биде одбележено присуството на Република Македонија на овој саем со настан на кој ќе бидат поканети претставници на повеќе земји, автори, издавачи итн. Во рамките на овој настан ќе бидат претставени неколку автори од Република Македонија од различни генерации кои припаѓаат на различни поетики, а е предвидено и претставување на Конкурсот за странски издавачи што го спроведува Министерството за култура веќе петта година – информираат од Министерството за култура на Р. Македонија.
Министерот за култура Асаф Адеми ќе оствари средби со Тобијас Вос, директор за меѓународна соработка на Саемот во Франкфурт; Јирген Бос, генерален директор на Саемот во Франкфурт; Антје Конциус, извршен директор на „Традуки“; Оливер Зиле, директор на Саемот во Лајпциг, како и со претставници на други држави кои го презентираат своето национално творештво на Саемот на книгата во Франкфурт. Република Македонија оваа година ќе се претстави и на Саемот на книгата во Тирана во ноември, а ќе биде и земја во фокусот на Саемот на книгата во Пула.
Пингување: Авторката Франческа Кавало воодушевена од македонското издание на „Бунтовни девојчиња“ | Literatura.mk
Пингување: Спортскиот биограф Лука Кајоли – гостин на „Арс Ламина“ на македонскиот штанд на Саемот на книгата во Франкфурт | Literatura.mk
Пингување: Македонскиот министер за култура се сретна со директорот на Саемот на книгата во Франкфурт | Literatura.mk