Тимот на популарните сајтови „Факултети.мк“ и „Деца.мк“ стартува нов проект – „Бибиленд“, во кој „сезнајката Биби“ е главен лик. Преку интересни цртани филмови, сликовници, песнички, видеоигри Биби ќе ги учи децата да го сакаат и да го практикуваат македонскиот јазик.
– Биби, девојчето со сини очи, црна коса и неверојатна желба за учење, која несомнено ќе ги освои срцата на сите деца од Македонија. Храбра, вредна, секогаш подготвена да помогне, Биби ќе биде гостинка во сечиј дом… „Јеееј“, извикува Биби секогаш кога ќе почувствува неизмерна радост, кога е воодушевена, кога открила нешто ново. А таа секој ден открива нови работи, замислува нови светови во кои сѐ е возможно. За тоа што таа е вистинска сезнајка, а и на секој чекор гледа нешто што ја воодушевува, овој извик ќе го слушате често – вели тимот на „Бибиленд“.
Биби е македонски производ. Сѐ почнало од желбата на тимот на „Факултети.мк“ и „Деца.мк“ да создаде лик со кој ќе се идентификуваат сите деца. На проектот „Бибиленд“ работат илустраторот Тхе Мичо, режисерот Гоце Цветановски, писателката/драматург Билјана С. Црвенковска и актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го позајми гласот за Биби.
– Од следната недела очекувајте ги првите изненадувања од Биби. Таа е мало девојче кое зборува литературно. Таа не вели точак, туку велосипед. Најмногу се нервира кога ќе ѝ кажат дека има плави очи. Зашто таа има сини! И сака сите деца да го научат македонскиот литературен јазик. Со помош на сликовници, книги и едукативни видеа ќе им помогне во тоа. Биби умее убаво да зборува и да објаснува, па може да им помага на другите деца во учењето. Таа е експерт за објаснување математика, физика. Омилена книга ѝ е детската енциклопедија, која од збор до збор ќе им ја раскажува на сите деца – велат од „Бибиленд“.
Децата најмногу сакаат да гледаат цртани филмови, а Биби ќе им ја исполни и оваа желба. Таа е главниот лик во новите анимирани филмови за деца. Биби на свој начин ќе раскажува сказни, на сите деца ќе им покаже како изгледа нејзиниот свет полн со фантазија и убави нешта. Таа и нејзиниот омилен другар Боби ќе доживеат многу авантури и ќе покажат дека пријателството е најважно на светот и дека за добар другар, вреди да се направи сѐ.
Биби е мало слатко девојче кое тренира карате и игра фудбал со својот најдобар другар Боби. Омилена боја ѝ е жолтата, а омилена книга „Веселата енциклопедија“. Обожува да измислува и раскажува приказни, каде се разбира, таа е главниот јунак! На Bibiland youtube каналот на 14 октомври во 19часот дечињата ќе може да ја учат азбуката со Биби, а на 21 октомври во 19часот да ја видат и чујат нејзината прва приказна.