Заедничка изложба на масла на платно на Славко Јаневски и скулптури во бронза на Томе Серафимовски ќе биде отворена вечерва (втори октомври) во 20 часот, во Музејот на град Скопје. На изложбата, што ја организира Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, ќе бидат претставени повеќе од 50 дела на обата барда на македонската култура.
Куратор на изложбата е Емил Алексиев, за делата и уметниците ќе говорат Кирил Пенушлиски и Ерол Ризаов, стихови од Јаневски ќе говори Висар Вишка, а музичката придружба ќе ја обезбеди Тони Китановски на гитара.
За разлика од творештвото на Серафимовски, ликовното дело на Славко Јаневски помалку ѝ е познато на јавноста и ова ќе биде уникатна можност публиката одблизу да се запознае со овој сегмент од уметничкото творештво на нашиот великан.